– Болката може да биде и последица на нешто што човекот мисли дека наликува на актуелно или потенцијално оштетување на ткивото. Ова е народски кажано, дефиниција којашто ја нуди Светската здравствена организација. Има многу поделби на болката но најчеста е акутна и хронична болка. Во однос на јачината на болка има повеќе скали коишто се користат. Наједноставна и секојдневно употребувана е визуелно-аналогната скала или ВАЗ скалата и таа ја дели болката на скала од 1 до 10-вели докторот.
Тој објаснува дека во зависност од таа скала, понатаму СЗО препорачува за кој тип на јачина на болка, кој тип на лекови и процедури би биле понудени како можен третман. Хронична болка значи нешто постојано се повторува и боли, акутната болка се јавува еднаш, меѓутоа може да биде интензивна.
– Кај акутна болка, имаме актуелно оштетување. Ако болката трае повеќе од 3 месеци, без разлика дали е тоа континуирано или се јавува, па се губи тогаш веќе зборуваме за хронична болка. Третманите се разликуваат зависно од интензитетот на болка, најчесто на почетокот се почнува со лекови од групата на нестероидни антиинфламаторни лекови, во комбинација со други методи, како физикална терапија, акупресура, акупунктура, психотерапија и така натаму. А понатаму ако расте интензитетот на болка, може да се вклучат и појаки лекови, како опијати, а потоа кај многу јака болка и со силни опијати од групата на фентанил, морфин или морфински или фентанилски лепенки-вели Саздов.
Кога зборуваме за регионална аналгезија докторот вели дека за разлика од лековите коишто се користат за третман на болка системски, регионалната аналгезија има локално дејство, делува директно на нервот којшто го иневрира даденото подрачје каде што се јавува болката.

– Се влегува најчесто под контрола на ултразвук и се аналгезира нервот којшто е одговорен за трансмисија на болката од дадена зона. Најчесто во почетокот се користат локални анестетици, меѓутоа, нивното дејство е краткотрајно и кога сакаме подолготраен ефект, може да се комбинираат со други лекови. Доколку сакаме ефектот на нашиот третман да трае подолго зборуваме за радиофрекфентна аблација или за крионевролиза-вели докторот.
Методата значи транзиторно оштетување на нервот со користење на многу ниски температури. Се користи при оперативни, предоперативни зафати, но и постоперативно. Дури и во тек на самата оперативна интервенција, нервот се визуализира и хирургот директно на него аплицира многу ладна температура.
– Крионевролизата се прави со посебен апарат. Во зависност од гасот коишто се користи, постојат апарати кои користат јаглерод диоксид, азот и аргон. Аргонот е најскапиот апарат, меѓутоа ја постигнува најниска температура и ние го имаме тој апарат со аргон, а методите ги изведуваме под контрола на компјутеризирана томографија или ултразвук. Кога зборуваме за крионевролиза, треба да објасниме дека тие температури коишто се постигнуваат можат да водат од минус 20 до минус 100. Во првата група до минус 20 зборуваме за неуропраксија, тоа значи само имаме успорување на нервниот импулс. Второто ниво на оштетување на нервот е од минус 20 до минус 100 целзиусови степени, структурата на нервот е зачувана и тоа овозможува реверзија, повторно враќање на функцијата на нервот после одреден период. И третата група кога имаме оштетување кога се температурите се поголеми од минус 100-вели Саздов.
Со крионевролиза се третираат онколошки пациенти со карцином на панкреас, напреднати малигноми во абдоменот и малата карлица. Се третираат и ревматичните болки, тоа се пациенти со хронични заболувања на зглобовите, а третманот е во амбулантски услови.