Секоја година во светот околу 2.5 милиони луѓе заболуваат од рак на бели дробови. Податоците во Македонија покажуваат дека бројот на заболени за 2022 година е 7.500, а околу 5.000 завршуваат фатално. Статистиката е иста и во Србија, но таму живеат трипати повеќе луѓе. Поради високите бројки во Војводина веќе петта година по ред се прави скрининг за рано дијагностицирање на карцином на бели дробови. За текот на скринингот, за тоа колку луѓе годишно се откриваат со ран стадиум на рак, колку се излекувани и за иновативните методи на лекување, зборуваме со доц. д-р Горан Стојановиќ, директор на Клиниката за пулмолошка онкологија и интервентен бронхолог во Институтот за белодробни болести на Војводина во Сремска Каменица. За „Слободен печат“ докторот вели дека со скрининг започнале пред пет години како пилот-проект за Војводина, а потоа за време на пандемијата на корона работеле само со Институтот за белодробни заболувања во Сремска Каменица. На почетокот тоа не бил национален проект и почнал со Нови Сад. Потоа се вклучени и Суботица и Врбас.
-Србија е на прво место по смртност од рак на бели дробови во моментов. И тоа беше една од водечките причини зошто размислувавме да направиме скрининг. Сепак, статистиката и епидемиолошките податоци за ракот на белите дробови се многу поразителни. Тоа значи дека во моментот на откривање на ракот на белите дробови, и кај нас и во Македонија речиси 70 отсто од заболените од рак се откриени во стадиум 3б, 3ц и 4. фаза на болеста, кога на луѓето не може да им се даде најдобар тип на третман. Најдобар тип на третман е хируршката интервенција, но се спроведува системски заедно со третман со лекови. Втора причина е стапката на петгодишно преживување, бидејќи кога зборуваме за оние луѓе кои боледуваат од рак во стадиумите 3б, 3ц и 4, зборуваме за петгодишното преживување. Овие податоци се поразителни и нè наведоа да размислуваме за скрининг за рано откривање – вели докторот.
Според него скринингот е всушност секундарна превенција. Примарната превенција е забрана за пушење. Целта е рано да се открие ракот на белите дробови. Бидејќи ако го откриете рано, тогаш се лекува и смртноста се намалува.
-Во Србија во три града скринингот е спроведен кај 7.500 испитаници. Овие луѓе не се пациенти, затоа што се пријавуваат кај матичен лекар, кој има податоци за пушачкиот статус. Станува збор за луѓе на возраст од 50 до 74 години кои се активни пушачи, но и поранешни пушачи кои се откажале од цигарите во последните 10 години. Се прави скенер со ниски дози на зрачење. Ако постои сомнеж, а не сме сигурни дека станува збор за рак, се следи пациентот. Прво на три месеци се повторува скенерот, потоа на 6 месеци и на една година. Направивме 12.500 скена досега. Кај околу 9,6 отсто од луѓето постои сомнеж за рак, а од таа бројка докажавме дека околу 2,1 отсто од нив имаат рак на белите дробови. Значи, тоа е некаде околу 160 пациенти, претпоставувам 162. Тоа се пациенти кои се откриени во прв и втор стадиум од болеста. За жал, откривме и 30 проценти од луѓето кои биле во стадиум 4, односно во 3б, што е само знак дека оваа болест е крајно подмолна – вели Стојановиќ.
Тој вели дека лекувал и пациенти кои биле помлади од 40 години, но најмладиот пациент кој имал рак имал 18 години. Во последно време има пациенти кои се помеѓу 25 и 35 години.

-Среќа што таа бројка е под 10 пациенти, но сега прашање е која е причината? Дали само штетните навики се причина или загадувањето на воздухот? Тука има и генетика. Немаше да ја работам оваа работа ако не верував дека можам да излекувам човек од рак на белите дробови. Кај сите стадиуми кои се ниски, особено прв и втор, зборуваме за излекување. Со доаѓањето на иновативни лекови, тоа преживување сега е пет или повеќе години, имаме пациенти кои примаат иновативни лекови и кои се живи повеќе од пет години. Иднината ќе биде онаа во која секој пациент ќе добие специфична терапија – вели Стојановиќ.
Ракот е почесто заболување кај мажите отколку кај жените. Докторот вели дека пред 10 години тој сооднос бил шест спрема еден. Сега тој сооднос е три и пол – четири спрема еден.
-Нема разлика во податоците меѓу Македонија и Србија. Тие покажаа дека бројот на заболени за 2022 година во Македонија со рак на белите дробови е 7.500, и кај нас е истата таа бројка, притоа ние сме многу поголема држава. Вашата статистика… Нема да кажам дали е полоша, но тука нешто не се вклопува. Стапката на смртност е иста, значи околу 5.000 умираат од рак на белите дробови, истата штетна навика, и кај вас пушењето е доминантно. Со тоа што за вашата бројка, односно колку жители пушат во Македонија, немате податоци во Светската банка, нема податоци за Македонија. Во Србија е над 40 проценти, односно 41 проценти се пушачи. Сепак, некој на последниот Конгрес спомена неофицијален податок дека повеќе од 40% од жителите на Македонија пушат. Тоа е сличноста, имаме многу добра соработка со вашите лекари, мислам дека ќе успееме да им овозможиме на вашите доктори да дојдат на едукација. Го имало тоа и порано, но треба да се продолжи. Пациентите наоѓаат начин да дојдат на консултации во Сремска Каменица. Имам пациенти од Македонија – вели Стојановиќ.
Тој објаснува дека не се работи за голем број пациенти, но има барем два кои доаѓаат во институтот во текот на месецот, праќаат е-пошта барајќи второ мислење, некој совет или слично.
-За дел од пацинетите се јавуваат нашите колеги од овде и прашуваат дали е можно и што мислите вие? Ги праќаат наодите, дали е бронхоскопски или нешто слично, мислам дека соработката сè уште постои меѓу нив и ја одржуваат – вели докторот.