Моника Коцарева е една од најпознатите македонски модни дизајнерки, чии креации се издвојуваат со елеганција и стил. Од Охрид до Париз, нејзиниот бренд „Коцарева“ постојано расте и се развива, а самата Моника, како мајка, сопруга и успешна жена, го балансира професионалниот и личниот живот, покажувајќи успех во сите сфери. Нејзините креации се нежни и моќни, секоја од нив носи посебна енергија и уникатност.
За „Слободен печат“, Коцарева вели дека љубовта кон модата почнала уште од најраните години.
-Јас сум архитект по професија, но љубовта кон модата отсекогаш ми била најсилна страст.
Уметноста беше моја јака страна уште од дете – вели Коцарева.

Нема случајности во тоа што Коцарева веќе девет години го води својот бренд. Почнала со малото ателје во Охрид, а денес има модно студио и во Скопје. Таа исто така работи со онлајн продажба, а клиенти има насекаде по светот. Коцарева е препознатлива на македонската модна сцена како моќен креатор и верува во глобалната промоција на својот бренд.
-Моите колекции се наменети за храбри жени кои сакаат уникатен дизајн и врвна изработка. Овие жени не се плашат да се истакнат, да покажат кои се и да се чувствуваат моќно – вели таа.

Една од најголемите амбиции на Моника оваа година е учеството на престижниот „Париз фешн вик“, и гордо објаснува дека оваа ревија за нејзиниот бренд ќе биде најголем предизвик досега.
-Мојата цел е да го претставам македонскиот бренд на глобално ниво. Иако работам локално, сакам да делувам глобално. Париз е вистинското место да ја покажам уникатноста на моите креации и да ги донесам во светот – додава Моника.
Таа вели дека патот до успехот не е секогаш лесен. За да се биде успешен моден дизајнер тој треба постојано да се надоградува.
-Никогаш не се споредувам со другите. Мојот успех се гради преку постојано учење и усовршување. Секој пад ми бил лекција која ме направила посилна – вели таа.
