Изминаа пет години од пандемијата на ковид-19, која однесе илјадници жртви ширум светот. Во Велика Британија народот преку најразлични здруженија организира настани во чест на жртвите на коронавирусот. Повеќе од 200.000 луѓе во оваа земја го загубија животот како последица на смртоносниот вирус.
Деновиве речиси и да не постои британски медиум којшто не ја опфати оваа тема, вели за „Слободен печат“ новинарката и колумнистка Жанета Скерлев. – Во сите медиуми се појавуваат луѓе коишто загубиле некој свој во пандемијата. Се раскажуваат многу приказни и тоа е многу добро и важно, бидејќи на тој начин нема да дозволиме да се заборави тоа што се случи. Луѓето сакаат да зборуваат, се охрабруваат, ги има во голем број. Поставен е и огромен меморијален ѕид со црвени срциња. Има околу 220.000 срциња, а на секое од нив е испишана по една од жртвите на коронавирусот – вели Скерлев.
Колку повеќе сведоштва, толку подобро, вели Скерлев за истрагата којашто е во тек. – Од 2023 година е спроведена истрага за тоа како се справуваа властите за време на пандемијата. Многу негативни коментари има, многу пропусти, грешки кои беа направени, без кои бројот на жртвите би бил многу помал – рече таа.