Булеварот Гоце Делчев во центарот на Скопје е познат по постојаниот сообраќаен метеж во текот на работните часови од неделата, но вистински хаос се создава за време на петочната пладневна молитва во џамијата „Кебир Мехмед Челеби“, близу влезот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Џамијата, поставена веднаш до главниот паркинг за влез на кампусот на УКИМ, традиционално секој петок на пладне одржува неделната молитва „Џума“, каде се собираат верниците – муслимани. Вербата и религијата е нешто свето, бесценето и за почит, но каде е почитта на верниците кои одат на молтитва кон останатите граѓани секој петок напладне? Луѓето со цел навреме да стигнат на молитва, ги оставаат своите автомобили на десната лента од булеварот „Гоце Делчев“, по пешачките патеки и тротоари, по уличните островчиња, на улицата за влез на универзитетскиот паркинг, буквално насекаде. Екипата на Слободен печат отиде на терен за да го провери овој проблем, зборуван постојано и го забележа целиот сообраќаен хаос.
Со ова несовесно однесување и неодговорно паркирање, сообраќајот за автомобилите кои во пладневните часови поминуваат одовде е во постојан колапс и хаос, а насекаде паркираните автомобили енормно го отежнуваат сообраќајот за влез и излез од паркингот на УКИМ. Да не ги забораваме и автобусите на ЈСП, кои иако имаат малку линии што сообраќаат преку овој булевар, сепак се заглавуваат и стојат во место, а воедно и возачите не можат прописно да застанат на автобуската постојка – и таму има паркирани автомобили.
Овие работи влеваат огромен бес и разочарување кај возачите и студентите – пешаци. Пешаците чарето го наоѓаат со спонтани пешачки патеки, кои водат низ лавиринтот од паркирани автомобили. Возачите, пак, имаат две опции – или целосно менување на траекторијата на возење барајќи други опции преку кои ќе се пристигне на посакуваната дестинација, или, пак, помирување со реалноста на ситуацијата и „кревање рачна“ сѐ додека не се расчисти сообраќајниот хаос. Во прилог можете да ја погледнете фотогалеријата од вчерашниот хаос на гореспоменатата локација, што ја направи екипата на „Слободен печат“. Ваквата состојба се повторува секој петок околу пладне.