Патот кон Европската унија трае предолго, но не смее да се откажеме, мораме да се обединиме бидејќи кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме, оцени денеска Венко Филипче, претседателот на СДСМ на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027. Тој во своето обраќање на отворањето на дебатата истакна дека Македонија дала премногу жртви без поголем резултат на патот кон Унијата но не смее да се откаже затоа што не постои никој друг извор на средства кој вложува повеќе во човечкиот капитал и најмногу тоа се гледа кај соседите кои напредуваат во преговорите.
„Сметам дека премногу долго трае нашиот пат кон ЕУ сме дале многу жртви не сме виделе многу голем резултат. Причините сите ги знаеме меѓутоа се поставува прашањето треба ли сега да се откажеме. Не постои никој друг извор на средства ниту заем којшто ќе вложи во клучната работа, а тоа е човечкиот капитал и само така ќе видиме видливи резултати кога ќе инвестираме во отворена економија, во економија којашто е базирана на знаење. Се поставува прашањето што треба да направиме. Мислам дека треба да се направи споредба. Треба да се направи споредба со некои земји коишто се приклучија во ЕУ како тие имаат пристап до сериозно големи фондови тоа се европските фондови за развој, како нивните земји практично се менуваа, пред нивните очи а и ние ги гледаме тоа се земји соседи Бугарија, понатаму Романија, Хрватска итн“, рече Филипче.
Притоа Филипче потенцираше патот кон ЕУ мора да се води заедно и обединети затоа што тоа е единствениот клуч како да се избориме против пречките кои се испречуваат при патот во евроинтеграциите. „Време е да гледаме низ една друга перспектива да влеземе да работиме и да се бориме што и да е на масата каква и пречка да е пред нас исправена мораме да се обединиме поради тоа што кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети. Нема пречка што не можеме да ја совладаме поради тоа што најлошото сценарио е сите овие проблеми да едноставно да ги ставиме на страна и да ги оставиме да ги решаваат следните генерации поради тоа што тоа никој нас нема да ни го прости“, рече Филипче на дебатата за придобивките од Реформската агенда.