Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува новото владејачко мнозинство во парламентот да се засили со уште најмалку тројца пратеници и до 28 мај да консолидира како претседател на партијата 61 пратеник. Во таа комбинаторика може да се очекува кон Коалицијата „Твоја Македонија“ во Собранието да се приклучат и малцинските партии кои на парламентарните избори освоија пратенички места во коалиција со Европскиот фронт предводен од ДУИ, сметаат гостите во студиото на „Слободен печат“, Зуди Џелили, поранешен пратеник и новинарот на Фронтлајн Дестан Јонузи во анализата за исходот од парламентарните избори во албанскиот блок. Коалицијата Европски фронт иако освои 19 пратенички места заминува во опозиција, додека Коалицијата ВРЕДИ со 13 пратеници ќе биде дел од новата владина коалиција на Мицкоски.
-Во другите изборни циклуси албанската опозиција имаше повеќе гласови, ама беше поделена и ДУИ тоа го користеше. Долго време се очекуваше обединување на албанската опозицијата. ДУИ остана на власт 23 години, тоа многу не е здраво ниту за демократијата ниту за државата. Се акомодирале таму и работат за одредни групи интереси и за лични интереси. ВРЕДИ беше коалиција создадена од надеж, а ДУИ направи коалиција од мака. Убедливо беше јака претходно, но сега не бираше средства кого да го внесе во коалиција, па направи мултинационалана коалиција со Ромите, Турците, Бошњаците и Торбешите. Ги собра сите и веќе таа не личеше на една партија од албански блок. И затоа сега се гледа дека имаат 19 пратеници, но имаат 4-5 кои не се Албанци, а додека ВРЕДИ води, има повеќе албански гласови и пратенички места, вели аналитичарот Зуди Џелили.
Тој додава дека како таква, коалицијата Европски фронт нема да биде стабилна во парламентот, од повеќе причини.
-Имам резерви, мислам дека нема да биде стабилна бидејќи претходно имале договор со Али Ахмети и наводно барале гаранција од него дека ќе бидат дел од власта и во тој договор спомнале дека во случај да не е Коалицијата дел од власта: ние сме мали заедници и не можеме да опстанеме во опозиција така што ќе мора да бараме друго решение. Што е дозволено веќе, имале контакти и преговори и затоа Мицкоски најави дека ќе дојде до бројка од 61 пратеник. Таа група нема да биде стабилна бидејќи тука се собраа сите бивши политичари, луѓе кои беа под прашање дали ќе поминат како пратеници, како што е Мендух Тачи. Господинот Села имаше прилика да се покаже колку е храбар и колку е сигурен во себе, бидејќи Таравари му нудеше печати да ги потпише и печатира за да бидат валидни нивните листи за кандидати, тој не прифати не беше сигурен дали сам ќе помине. Сега помина со гласовите на Мерко во Струга, на ДУИ, од гласовите на малите заедници во Струга, тука се Лабуништа, цели села. Првите резултати офд Пласница, Жупа, Дебар, Врапчиште, Бањица каде има помали заедница, кога дојдоа резултатите од местата каде се мереа двата фронта, веќе резултатите беа исти или ВРЕДИ беше во предност, вели Џелили.
– Најголем добитник од таа коалиција испадна дека е ДПА на Мендух Тачи кој освои 2 пратеника, а според анкетите ДПА тешко ќе имаше и еден пратеник. Најголем губитник од таа коалиција е Аријанит Хоџа кој се отцепи од БЕСА и заврши со нова партија во коалиција со ДУИ но не освои ниту еден мандат, иако очекуваше во ИЕ2 да има пратенички мандат. Зејд исто така е победник од таа коалиција, сегашниот и иден пратеник кој формираше партија и ако настапуваше сам со својата партија немаше да освои пратенички мандат, додава Јонузи. Целата анализа со аналитичарот Зуди Џелили и новинарот Дестан Јонузи, погледнете ја во продолжение: