Американските и руските претставници се состанаа во Ријад на можеби најзначајните разговори меѓу двете супер сили од Студената војна за ставање крај на војната во Украина. Се очекува двете страни да разговараат за начините за ставање крај на конфликтот во Украина и за обновување на американско-руските односи. Разговорите треба да го отворат и патот за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин. Украина не е поканета на разговорите и нејзиниот претседател Зеленски веќе најави дека во нејзино име не може да се склучи мировен договор во Ријад, како и дека нема да ги спроведе евентуалните одлуки кои ќе бидат донесени на оваа средба. Русија соопшти дека министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров ќе се сретне со највисоките американски претставници, вклучително и државниот секретар Марко Рубио, на разговори кои ќе се фокусираат на завршување на украинската војна и обновување на „целиот комплекс“ на руско-американските односи.
Разговорите доаѓаат откако вчера европските лидери се собраа во Париз на итен самит за да се договорат за обединета стратегија. Тие беа шокирани од одлуката на администрацијата на Трамп да ги изостави Европејците и Киев од итните преговори за мир во Украина
Европските лидери изјавија дека ќе инвестираат повеќе во одбраната и ќе преземат водство во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина. Оваа состојба европските челници на самитот во Париз ја оценија како клучен момент за европската безбедност, и продолжување на подршката за Украина во одбрана од Русија. „Европа ќе мора да придонесе за зачувување на каков било договор, а соработката со Американците е клучна“, се вели во завршниот заклучок на европските лидери од состанокот во Париз. Во Ријад, шефот на американската дипломатија Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, и пратеникот за Блискиот Исток, Стив Виткоф, разговараат со рускиот министер Лавров и Јуриј Ушаков, советникот на Путин за надворешна политика. Добрите познавачи на состојбите ја оценуваат средбата како обнова на американско-руските односи од започнувањето на руската анексија на делови од Украина. Главното барање на Москва беше разговорите да го опфатат „целиот комплекс на руско-американски односи“, како и подготовките за разговори за можното решение за Украина и средбата меѓу двајцата претседатели. Русија соопшти дека Лавров и Рубио веќе разговарале за отстранување на бариерите за трговијата и инвестициите меѓу двете земји.