Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе разговара за проширување на француското нуклеарно одвраќање за европските партнери и ја зголеми можноста за испраќање европски трупи во Украина за да се спроведе мировниот договор. Во телевизиското обраќање до нацијата, Макрон рече дека Французите се „легитимно загрижени“ за почетокот на „новата ера“ откако американскиот претседател Доналд Трамп, по враќањето во Белата куќа, ја промени американската политика кон Украина и покрена сомнеж за посветеноста на Вашингтон кон своите европски сојузници во НАТО „Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна, но мора да бидеме подготвени доколку евентуално ја сменат политиката“, рече францускиот претседател.
Трамп јасно стави до знаење дека сака брзо да стави крај на војната предизвикана од руската инвазија на Украина во 2022 година преку директни преговори со Москва. Макрон, сепак, рече дека агресивното однесување на Русија „се чини дека нема граници“ по нејзината инвазија на Украина.„Русија, во овој момент кога ви се обраќам, и во годините што следат, стана закана за Франција и Европа“, рече тој. „Би било лудост да се остане набљудувач во овој опасен свет. Пред денешниот клучен самит на Европската Унија за повторното вооружување на континентот, тој ја истакна потребата од „нови буџетски избори и дополнителни инвестиции“ за да се зголемат трошоците за одбрана во Франција. Макрон во телевизиско обраќање пред самитот рече дека Франција ќе потроши повеќе за одбраната, иако не кажа уште колку. Тој рече дека нема да има зголемување на даноците за да се финансира, но дека ќе треба да се направат тешки избори. Истакнувајќи дека Франција е уникатно позиционирана во Европа благодарение на нејзините способности за нуклеарно одвраќање, Макрон рече дека е отворен за разговори за проширување на таа заштита на европските сојузници, по „историскиот“ повик на веројатно следниот германски канцелар Фридрих Мерц да го прошири тој заштитен чадор.
Мерц, чија конзервативна партија победи на парламентарните избори, минатиот месец рече дека сака дискусија за нуклеарните капацитети со Франција и Велика Британија, единствените нуклеарни сили во Европа покрај Русија. Франција има нуклеарни капацитети во воздух и во море. Борбените авиони „рафал“ и нуклеарните подморници можат да нападнат во секое време, само по инструкции на францускиот претседател. Во раните денови на Студената војна, поранешниот претседател Шарл де Гол разви нуклеарно одвраќање кое беше дизајнирано да биде целосно независно од двете доминантни сили од тоа време, Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави. Обраќањето на Макрон уследи по иницијтивата на европската дипломатија за зајакнување на поддршката за Украина и обид за подобрување на односите меѓу Вашингтон и Киев по тензичната средба меѓу Трамп и претседателот Володимир Зеленски во Овалната соба минатата недела. Францускиот претседател нагласи дека војната во Украина веќе стана глобален конфликт. Тој ја обвини Москва дека „ги крши границите за да ги убие противниците, манипулира со изборите во Романија и Молдавија и организира дигитални напади врз болниците“. Макрон повтори дека мирот во Украина „може да следи по распоредувањето на европските сили“. Во оваа насока, Емануел Макрон најави дека следната недела во Париз ќе се оствари состанок на началниците на генералштабовите на земјите кои се подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина.
Франција и Британија имаат за цел да го финализираат со Украина, веројатно „за неколку дена“, мировниот план што ќе го презентираат САД, а во исто време градат мостови меѓу САД и Украина пред можните разговори во Вашингтон. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за Русија и францускиот нуклеарен арсенал „не се во согласност со реалноста“ и се во спротивност со неговите претходни позиции. Заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев рече дека Макрон не претставува никаква закана и никому нема да му недостига по завршувањето на неговиот мандат. – Макрон рече дека Русија сега е, и ќе биде уште многу години, закана за Франција и за Европа воопшто. Сепак, самиот Микрон не претставува голема закана. Ќе исчезне засекогаш најдоцна до 14 мај 2027 година и никој нема да го забележи – напиша тој на социјалната мрежа X.
Russia has become, as I speak to you and for years to come, a threat to France and Europe, says Macron. Micron himself poses no big threat though. He’ll disappear forever no later than May 14, 2027. And he won’t be missed.
— Dmitry Medvedev (@MedvedevRussiaE) March 5, 2025