Супердербито на Јужна Америка се одигра без Лионел Меси и Нејмар на теренот за првпат по 20 години. На „Монументал“ царуваше само една селекција, домашната селекција која за првпат во историјата на мундијалските квалификации го „примора“ Бразил да го заврши мечот со четири топки во мрежата.
Аргентина уште пред почетокот на мечот и математички го обезбеди пласманот на Мундијалот, а потоа и го потврди со понижување на најголемиот ривал.
Светскиот шампион поведе уште во четвртата минута. Погоди напаѓачот на Атлетико Мадрид, Јулијан Алварез. Тој ја прифати топката и покрај двајца бразилски фудбалери успеа да го совлада Бенто. Тој гол неодоливо потсети на познатиот гол на славниот Марио Кемпес во финалето на Светското првенство во 1982 година, во кој Аргентина на истиот стадион ја совлада Холандија со 3:1 и стигна до првата светска шампионска титула. „Гаучосите“ влегоа многу порешително во натпреварот и во 12. минута веќе беше 2:0. Стрелец на голот беше Енцо Фернандез, кој го следеше одбивањето и лесно ја смести топката во небранетата мрежа на втората статива. Во тој момент Бразилците беа во нокдаун ситуација, но шанса одеднаш доби Матеус Куња. Тој ја искористи големата грешка на Ромеро во 26. минута и тој подарок го претвори во гол за надеж – 2:1.
Сепак, радоста на гостите не траеше долго. По голот, асистенција забележа и Енцо Фернандез, кој ја смести топката во шеснаесетникот на Бразилците, а Алексис Мекалистер во манир на голгетер само ја проби топката над Бенто и со експлозија од воодушевување на трибините ја испрати во мрежата. Момците на Лионел Скалони беа многу поопасни и во вториот дел создадоа неколку сериозни ситуации пред голот на ривалот, за да Џулијано Симеоне само три минути по влегувањето во игра ја закова топката под гредата за како што се покажа конечниот резултат – 4:1! По 14. коло, Аргентина е убедливо прва на табелата со 31 бод, Бразил е четврти со 21. Првите шест селекции во јужноамериканските квалификации (КОНМЕБОЛ) ќе обезбедат директен пласман на Светското првенство во Канада, Мексико и САД, додека седмата во поредокот ќе игра во баражот.