И денес продолжува “филозофирањето” на МВР и претседателот на Владата кој не ги знаеше надлежностите на Градот Скопје. Препорачуваме да ги ислушаат внимателно изјавите на затекнатите работници, бидејќи повторно на терен има проблеми со непостапување на МВР, напиша на Фејсбук градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Таа обвини дека во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности на “принцезата на дивограбите” и неговиот ментор, повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште.
„На лице место денес затекнавме работници кои биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетија булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Ова е со цел да ја избегнат одговорноста за нивните криминали“ напиша Арсовска.
Таа вели дека Градот Скопје до овој момент ги презел сите расположливи мерки, дека изрекле највисоки казни, како и дека случајот е пријавен кај надлежните институции да почнат да постапуваат.
„Општина Чаир и Државниот градежен инспекторат веднаш да ги срушат диво изградените објекти, да ја санираат штетата со враќање во првобитна состојба. Министерството за внатрешни работи врз досега сите очигледни докази, да ги утврди сторителите на кривични дела и да поднесе кривични пријави“ бара Арсовска. Од градот апелираат до Владата и МВР да престанат со “филозофирање” и да се фатат за работа, велат дека има повеќе од доволно докази, информации и аргументи кои би можеле да им помогнат во истрагата за поднесување на кривична пријава.