Ова ветување премиерот Мицкоски го даде на 24 јуни минатата година, првиот работен ден по изборот на Владата и досега е неисполнето – по речиси девет месеци од неговите најави таму нема никаквa „фуриозна изградба“, пишува Вистиномер. Во јуни минатата година, првиот работен ден откако беше избран за премиер, Мицкоски од Штип вети интензивна изградба на клиничката болница, а нејзиниот старт го најави за есента (2024). Но ова досега не се случи. Во септември, кога се очекуваше да стартуваат градежните активности, Мицкоски ја смени приказната и почна да зборува дека изградбата на новата болница во Штип е заглавена, бидејќи „парите се украдени“, а за тоа ја обвини претходната влада. Клинички центар во Штип низ годините ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но ниедна власт не го исполни ветеното. Болницата почна да се гради во март 2016 година и според тогашните најави требаше да биде готова за две години, пишува „Вистиномер“. Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Премиерот Христијан Мицкоски минатото лето, набрзо откако стапи на функцијата, изјави дека тендерот за клиничката болница Штип е подготвен и ќе биде завршен за два-три месеци, а потоа вети дека: Наесен ќе започнат градежните активности на самата болница. Тогаш, при посетата на штипската болница, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски кажа дека изградбата на болниците во Штип и во Кичево ќе има приоритет: И двете болници фуриозно уште на самиот почеток ќе треба да отпочнат со градба. Тендерот е подготвен, се чека мислење од Министерството за финансии. На пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии, Димитриевска-Кочовска и овој процес да отпочне. Веднаш да го објавиме тендерот и во наредните два-три месеци да биде завршен и наесен да започнеме со градежни активности на самата болница. Образложение: Ова ветување премиерот Мицкоски го даде на 24 јуни минатата година, првиот работен ден по изборот на Владата и досега е неисполнето – по речиси девет месеци од неговите најави таму нема никаквa „фуриозна изградба“. Мицкоски: Наесен почнува интензивна изградба на штипската болница. Премиерот тогаш и на неговиот профил на Фејсбук објави дека наесен ќе започнат интензивни градежни активности на штипската болница: Заедно со градоначалникот и министерот за здравство го посетивме и местото каде оваа есен ќе започне да се гради новата Клиничка болница во Штип. После долги години стагнација, конечно започнуваме со изградба. Тендерот е подготвен и се чека мислење од Министерството за финансии. На пат кон Скопје ќе разговарам со новата министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, за да го започнеме овој процес.
Наша цел е да покажеме дека зборовите ќе ги претвориме во дела… И, не само на стартот на премиерскиот мандат, Мицкоски вакви најави за клиничкиот центар во Штип имаше и во наредните два месеца. Забрзана изградба на штипската клиничка болница премиерот најави и во јули 2024 година. Тој за време на неговата посета на касарна „Јане Сандански“ во Штип, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе се продолжи со доизградба на болницата во Штип, тврдеше: Штипската клиничка болница мора час поскоро да го продолжи процесот на изградба. Тоа е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и тука нема дилема. Мицкоски тогаш кажа дека очекуваат преку транспарентна јавна набавка процесот да биде завршен, да биде избран најповолниот понудувач, а потоа тој да го заврши проектот успешно и уверуваше дека тоа: Многу скоро ќе се случи. И во август 2024 премиерот велеше дека се цврсто решени да ја изградат новата болницата во Штип. На 16 август премиерот Мицкоски при посетата на ЈЗУ Универзитетската Клиниката за дигестивна хирургија, каде заедно со министерот за здравство Арбен Таравари присуствуваа на отворање на реновираното одделение за дигестивна хирургија, рече дека во периодот којшто следи ќе има уште многу вакви убави работи за македонското здравство и повторно ја спомна изградбата на клиничката болница во Штип. Мандатот го започнавме со една посета на клиничката болница во Штип каде што кажавме дека продолжува проектот за завршување на клиничката болница во Штип и болницата во Кичево, два споменика условно кажано од едно време во минатото којшто оваа Влада има амбиција да го заврши и доколку тоа ќе биде успешно тогаш очекуваме таква една реплика да се направи на еден голем клинички центар којшто долго се ветува, но никако да се случи. Така што како Влада остануваме фокусирани на ваков тип на проекти…, кажа Мицкоски Есента премиерот се пожали: Парите се украдени! Веќе во септември, кога се очекуваше да стартува изградбата, Мицкоски ја смени приказната и почна да зборува дека изградбата на најсовремената клиничка болница во Штип е заглавена, бидејќи „парите се украдени“, а за тоа ја обвини претходната влада.
Проблемот е што пари нема. Парите ги украле, нели ги потрошиле за нешто што не требало, требало за болницата, но парите ги украле. Нашиот пристап е да обезбедиме и финансирање и допроектирање и опремување и изградба и пренос на објектот. Тоа во моментот Законот за јавни набавки не го дозволува. Ако е потребно ќе влеземе и во чекор напред, ако треба мали нивелирања и на Законот само за да можеме да ги одглавиме многу проекти кои се почнати, парите се украдени и тие се сега споменици на едно време, рече тогаш Мицкоски. И наредниот месец – октомври 2024 г. Мицкоски се пожали дека парите за болницата се потрошени, па затоа ќе се бара нов модел за нејзината изградба, но уверуваше дека се цврсто решени да ја изградат болницата.
Нема проект – нема пари. Многу едноставно, парите се потрошени. Тендерот е сосема различен од тоа како што почнал, нашата цел е да ја градиме таа болница и ќе ја изградиме како што сме ветиле по принципот финансирање, проектирање, изградба, трансфер, рече тогаш Мицкоски. Сепак, наспроти ваквите уверувања на премиерот, досега (06.03.2025) на терен нема ништо од ветеното фуриозно градење на штипскиот клинички центар. За тоа дека објектот стои празен и нема градежни зафати, неодамна имаше прилог и на ТВ 24 вести. Сите ветуваа, никој не го изгради. Мицкоски и пред изборите повеќе пати ветуваше изградба на штипската болница. На почетокот на февруари 2024 година, на предизборната дебата посветена на здравството тој гарантираше дека Клиничкиот центар во Скопје и болницата Штип ќе ги изгради идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. И да ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши Клиничката болница овде во Штип. Тоа сигурно јас ви го кажувам, рече Мицкоски на 01.02.2024 г.
Мицкоски и на 15 февруари 2024 во неговото гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, меѓу другото ја спомна новата болница во Штип и рече дека:
ВМРО-ДПМНЕ секако планира да ја заврши во мандатот клиничката болница во Штип, затоа што е потребна, затоа што е ветувана и врз основа на финансискиот капацитет и буџетските параметри ќе пристапиме кон реализација на овој проект. Изградба на клинички центар во Штип, низ годините ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но ниедна власт досега не го исполни ветеното. Болницата почна да се гради во март 2016 година, беше најавувана како најголема капитална инвестиција во македонското здравство вредна 30 милиони евра, а заедно со опремата 56 милиони евра. Новиот објект беше планиран на површина од 34.000 метри квадратни, на осум нивоа со капацитет од 300 легла за пациенти и според тогашните најави требаше да биде готов за две години (2018). Ваквите проекции не се остварија, долгонајавуваниот клинички центар во Штип сè уште не е изграден. Извор: Новинска агенција МЕТА