Не фирмата „Ѓока констракшн“ што била единствената што се пријавила да ги гради катните гаражи на Клинички центар „Мајка Тереза“ – туку Владата и Министерството за здравство биле тие, што во повикот за јавно-приватно партнерство навеле услов „фирмата добитник да плаќа надоместок за концесијата од само еден процент од остварените годишни приходи од претходната година и тоа без ДДВ“. Документите што се објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, а кои ги разгледа „Слободен печат“ покажуваат дека во повикот за јавно-приватно партнерство е јасно наведен овој услов како износ на надоместокот за концесија кој што фирмата ќе ѝ го дава на државата. Проценетата вредност на договорот е 637 милиони денари или 10,3 милиони евра што би требало да ги инвестира фирмата. -Приватниот партнер ќе плаќа концесиски надоместок на јавниот партнер. Овој износ е пресметан како еден процент од остварените годишни приходи од претходната година без вклучен ДДВ согласно предметот на договорот за јавно-приватно партнерство, пишува во критериумите што ќе бидат применети при доделувањето на договорот.

Огласот што беше објавен на 14 ноември минатата година открива дека фирмата добитник на концесијата е должна да изгради и целосно да финансира 2 катни гаражи на просторот на сегашниот Клинички центар „Мајка Тереза“ но и дека таа ќе биде и управувач и ќе оперира со целиот паркинг во рамките на Клиничкиот центар. Во задолженијата што ѝ се даваат е да ги одржува катните гаражи и да ја проектира техничката документација. Но, во условите за техничката и професионална способност има еден интересен момент – еден минимален услов што владата и МЗ го превиделе за добитникот на концесијата е да има изградено мост или паркинг (објект со конструкција). „Ѓока констракшн“ со сигурност го исполнува овој услов, бидејќи се градители на огромниот мост „Ваша“ во Албанија, а од неговата изградба имаат објавено и видео-материјал.
Меѓу условите на владата и МЗ се и фирмата да има минимален годишен приход изминатите три години од по 10 милиони евра за секоја година. Од критериумите за договорот, е евидентно и дека ќе го добие тој што ќе даде најниска цена за еден час паркирање, а Таравари веќе најави поскапување од 30 на 50 денари од час паркинг за болните, што би значело дека оваа цена била понудена од фирмата и прифатена од страна на комисијата задолжена за јавно-приватното партнерство. Според образецот за доделувањето на договорот, оправданоста за оваа концесија според Владата и Министерството за здравство биле во тоа што ќе се изградат две катни монтажни гаражи за кои се очекува да одговорат на потребите на посетителите и вработените во клиниките, но и да се изведат инфраструктурни сообраќајни решенија за воспоставување поголем ред во движењето на возилата во клиничкиот центар. Меѓу целите се наведени и зголемувањето на безбедноста на пешаците во рамките на комплексот и поквалитетни услови за организирање на движењето на возилата низ комплексот. Физибилити студијата за оправданоста на вакво јавно-приватно партнерство била преправана со договор што го склучил Фатмир Меџити
Во декември 2023 година, кога министер за здравство беше сегашниот директор на Клиниката за неврологија и близок на Арбен Таравари – Фатмир Меџити, тој склучил договор со фирма од Тетово „Ецлипсе Солутионс ДООЕЛ експорт-импорт Тетово“ со кој се барало да биде преработена претходната физибилити студија за јавно приватно партнерство за изградба на монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Консултантот според договорот чиј потпис го ставил тогашниот министер Меџити – требало да изработи студија која ќе ги земе предвид очекуваните трошоци за развој на проектот и неговата изградба, одржувањето и работењето како и приходите за целиот оперативен период на паркингот. Требало да даде и стручен заклучок за оправданоста на инвестицијата, нејзината големина и начинот на финансирање. За да ја преработи старата физибилити студија, „Ецлипсе Солутионс ДООЕЛ експорт-импорт Тетово“ добила 987 илјади денари. Министерството за здравство сметало дека таа физибилити студија што постоела од 2018 година била „застарена“, па затоа барала да биде преработена и да бидат ажурирани податоците за тоа колку паркинг места се потребни на Клинички, но и да се проектираат различни сценарија за надминување на проблемот. Требало да се изработат предлог основни параметри за изградба на катните гаражи, да се процени цената за изградба на паркинг гаражите и да се направи предлог-модел на финансирање преку јавно приватно партнерство. При изготвувањето на физибилити студијата особено ќе се земе предвид јавниот интерес, финансиското влијание на договорот за јавно приватно партнерство и неговата импликација врз јавниот партнер и приватниот партнер.
„Ецлипсе Солутионс ДООЕЛ експорт-импорт Тетово“ се јавува и како изработувач на физибилити студија за воспоставување на иновативен центар за применети науки и образование iCARE, нарачана од Центарот за развој на полошкиот плански регион.
Владата ретерира, опозицијата негодува, јавноста се чуди. Викендов премиерот Христијан Мицкоски ги прозва медиумите, кои само известуваат и прашуваат за економската оправданост на ваквото градење на катните гаражи. -Јас разбирам дека уредувачката политика на одделни медиуми има за цел да растури пердуви со невистини и конструкции, да обвинува неосновано, и ние сега како политичари треба да сме дефанзивни и да се браниме. Факт број еден: одлука се носи врз основа на физибилити студија. Второ, распишан е оглас, се јавила само една компанија, иако критериумите се прилично широки. Трето, ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ние ја слушаме јавноста. Јавноста е незадоволна. Одлука на владата нема, договор не е потпишан. Ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме, рече премиерот Мицкоски на 8 март. Но, самата влада и Министерството за здравство се тие што навеле дека еден процент ќе биде надоместокот за концесијата, уште пред да биде познато дали некоја фирма воопшто ќе аплицира за јавно-приватното партнерство и тоа е неспорен факт. Самиот министер за здравство Арбен Таравари беше тој што потврди дека фирмата „Ѓока констракшн“ била единствената што се пријавила на повикот но дека владата е филтерот што уште не е поминат, а најави и дека цената за паркинг-место ќе порасне од 30 на 50 денари. Физибилити студијата која е изработена на барање на Фатмир Меџити не е јавно достапна, ниту пак е наведено дали во неа стои дека приватниот партнер треба да плаќа само еден процент кон јавниот партнер. „Слободен печат“ во петокот побара да го добие договорот склучен за ова јавно приватно партнерство, но од Министерството за здравство не одговараат. СДСМ го критикува Таравари затоа што тој најавува дека фирмата што ќе ги гради катните гаражи ќе останела таму само 7-8 години по што Клинички центар веќе немало да биде таму. Прво, како е можно Таравари да тврди дека договорот ќе биде на 7-8 години и дека потоа Клиничкиот центар нема да биде таму, кога само пред неколку недели Владата потврди дека нов Клинички центар нема да се гради? Тоа значи дека Клиничкиот центар ќе остане на истата локација. Зошто Таравари ја лаже јавноста и се обидува да ги ублажи критиките со вакви изјави? Ова јасно покажува дека тој добро знае дека договорот е штетен, но сака да помине што полесно во јавноста, реагираат од СДСМ. Од политичката партија „Левица“ во соопштение велат дека е скандалозно што државата нема 10 милиони евра да инвестира во паркинг на Клинички центар, а власта се задолжува со 500 милиони евра. Со ваквиот енормно штетен договор со фирмата „Ѓока констракшн“, целиот приход ќе оди за компанијата, додека за државата ќе остане само еден процент. Левица открива дека оваа компанија е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција, велат оттаму.