Оризот од годинашната реколта остана во амбарите – откуп и понатаму нема. На само неколку дена пред официјалниот почеток на новата сезона за производство на ориз, производителите на „белото злато“ во кочанскиот регион незадоволни, но и загрижени, бидејќи, како што велат, над 50 отсто од оризовата арпа сѐ уште им стои во домашните магацини затоа што откупно-преработувачките претпријатија не склучуваат нови договори за откуп, а и цените што ги нудат се неприфатливи во однос на трошоците за производство. Откупувачите ја потврдуваат фактичката состојба на терен и посочуваат нивните магацини се преполни со арпа што не се преработува бидејќи подолг период се соочуваат со отежнат пласман на бел ориз на пазарите во соседните земји.
Меѓутоа, оризопроизводителите проблемот за ваквата ситуација го гледаат во сосема друга насока. Дополнителен проблем претставува лошата хидролошка состојба во текот на зимскиот период, со што новата сезона за производство на ориз се става под знак прашалник. И покрај интензивните врнежи од дожд деновиве, што двојно го зголемија водостојот на река Брегалница, сепак количините со кои располага акумулацијата Калиманци не се доволни за целосна реализација на планот за сеидба во споредба со минатата година, па оттука годинава можни се и рестрикции на оризовите површини.