На 30 април традиционално беше одбележан Меѓународниот ден на џезот. Главната прослава на светско ниво беше одржана во Абу Даби, додека во Скопје во паркот Ибни Пајко во Скопје Националниот џез оркестар организираше серија концерти.
Главниот настан кај нас се одржа во паркот „Ибни Пајко“ во Скопје од 16.30 часот со концерт на џез за деца. Потоа по 19:30 часот следуваа настапите на бендовите „Бојан Цветковиќ квартет“ од Србија, „YoYo Band“ од Бугарија, словенечко-македонско-американска групација „Христијан Ристески квартет“ и „Trio Dragobert feat. Milagros Piñera“ од Австрија. Неколку стотици љубители на музиката ги проследија овие настапи кои траеа до полноќ, при што во паркот беа поставени дополнителни столчиња и пригодна инфраструктура.

Истиот ден, во Македонскиот народен театар од 18 часот со настапот на „Brian Marsella Trio“ од САД беше одбележан 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и САД. Меѓународниот ден на џезот, 30 Април, е прогласен во 2011 година од страна на УНЕСКО и се одбележува преку концерти, работилници, едукативни програми и јавни настапи во повеќе од 190 земји. Идејата потекнува од џез-пијанистот Херби Хенкок, кој е амбасадор на добра волја на УНЕСКО.
„Поентата на џезот од секогаш е да ги зближува луѓето, да ги соборува бариерите и да инспирира креативност меѓу културите. Меѓународниот ден на џезот нѐ потсетува дека музиката има моќ да ги надмине границите, да поттикне дијалог и да запали искра на радост и надеж“ – изјави Хенкок. Годинашната централна прослава беше одржана во Абу Даби, Глобален концерт на Хенкок и низа светски ѕвезди, беше пренесувана во живо преку YouTube, Facebook, and UN WebTV до милиони гледачи.
На Глобалниот концерт покрај Хемкок учествуваа низа светски ѕвезди. Водител беше оскаровецот Џереми Ајронс, кој ја нагласи „силата на адаптабилноста, која е наречена џез“. Потоа настапија џезери, блузери, класични и хип-хоп музичари од Обединетите Арапски Емирати, САД, Кина, Мароко, Обединетото Кралство Велика Британија, Канада, Австралија, Ирак, Панама и Индија. Дел од ѕвездите на Глобалниот концерт имаат настапувано и на Скопскиот џез фестивал, меѓу кои се Американците Хозе Џејмс во 2009 година и Курт Елинг во 2024 година, Австралијанката Лида Меј Хан О во 2021 година, како и Панамецот Данило Перез кој настапи 2011 година како член на квартетот на Вејн Шортер. Извор: Новинска агенција МЕТА