Собири за поддршка на српските студенти кои протестираат, денеска се одржаа во Сплит, во Осиек, како и во хрватскиот главен град Загреб, јавува „Нова.рс“.

Во Сплит се собраа неколку стотици граѓани на градскиот кеј, а меѓу транспарентите со пораки до Нови Сад имаше и натпис „Имаме ист повикувачки број (021)“. Учесниците молчеа 15 минути во знак на сеќавање на 15-те жртви во трагедијата во Нови Сад и уривањето на настрешницата на железничката станица. Во повикот за собирот, пишува: „Студентите кои неуморно протестираат и ги блокираат факултетите се истрајни во својата борба за уредено и праведно општество“.

Во Загреб, пак, собирот броеше уште повеќе учесници, а го организираа студенти, кои носеа транспаренти на латиница и на кирилица.
„Денеска се собравме овде во навистина голем број за да изразиме порака за поддршка и солидарност до нашите колеги во Србија. „Она што студентите сакаат да им го кажат на своите колеги е дека солидарноста не познава граници, дека сите сме во ова заедно и дека не треба да се откажат од своите барања“, рече студентот Домагој Фук.