Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека реконструкцијата на салата Работнички се одвива во полн ек, кадешто во моментов се бетонира подлогата, што претставува една од клучните фази во процесот.
„Работиме интензивно култната сала да блесне во ново руво. Во тек е втората фаза од реконструкцијата, кадешто ја бетонираме подлогата според највисоки стандарди. Го враќаме сјајот на нашиот Работнички и од септември нашите кошаркари се враќаат дома, на победничкиот терен“, вели Герасимовски.
Втората фаза предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш кабините, како и поставување на климатизација и подно греење.