Лидерот на босанските Срби Милорад Додик денеска потврди дека организаторите на конференцијата за борба против антисемитизмот што се одржува во Ерусалим на собирот практично го прогласиле за персона нон грата, поради што бил принуден да си замине. Додик ова го изјави за израелскиот весник Jerusalem Post. Во текстот се наведува дека Додик ненадејно ја напуштил конференцијата во Ерусалим за антисемитизам по само еден час, наводно откако израелските власти го информирале дека неговото присуство е дипломатски проблематично откако Судот на БиХ нареди меѓународна потерница против него.
„Дојдов во Израел да зборувам против антисемитизмот… Наместо тоа, се најдов себеси непожелен – гостин кој се чувствуваше како натрапник“, рече Додик во разговор со Звика Клајн, главниот уредник на „Џерусалим пост“. Клајн опиша како луѓето од опкружувањето на Додик претходно го убедувале да организира интервју што ќе биде објавено подоцна, и објасни дека го прифатил затоа што Додик „стана централна и поларизирачка фигура во балканската политика“ и дека, како што го опишува лидерот на Република Српска, „поранешен умерен реформатор кој изминатите десет години зазеде жесток националистички и проруски став“. Иако изрази одредено разбирање за наводите на Додик за проблематичното влијание на радикалните исламисти во Босна и Херцеговина, Клајн сепак истакнува дека актуелниот лидер на босанските Срби „опасно зачекори во историскиот ревизионизам“, особено со негирање на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница извршен во 1995 година.
Част ми је што сам данас у Јерусалиму учествовао на Конференцији о антисемитизму, заједно са бројним државницима и лидерима из цијелог свијета. У име Републике Српске, пружио сам пуну подршку Држави Израел и њеном премијеру Бењамину Нетањахуу @netanyahu у борби против… pic.twitter.com/h09UjGsa7A
— Милорад Додик (@MiloradDodik) March 27, 2025
Медиумите во РС, блиски до Додик, кои секој час известуваат за неговиот престој во Израел, ги премолчеа наводите на „Ерусалим пост“ и објавија фотографија од неговата попатна средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на конференцијата во Ерусалим. „Во име на Република Српска, дадов целосна поддршка на државата Израел и нејзиниот премиер Бенјамин Нетанјаху во борбата против антисемитизмот, тероризмот и политичката нетрпеливост“, напиша Додик на социјалната мрежа Х.