Граѓаните се нервозни и разочарани, а нивното незадоволство го искажуваат со фотографии и видеа што ги испраќаат до редакцијата на „Слободен печат“. Деновиве пристигнаа фотографии што ја прикажуваат очајната состојба со хигиената на улицата Марко Крале во Бутел.
Во оваа улица постојат два типа домување, на едната страна се изградени неколку станбени комплекси, а од другата страна, пак, се сместени десетици семејни куќи. Според жителите на куќите, ЈП „Комунална хигиена“ мапирало две места на непосредна близина од куќните влезови и на 30 метри, едно до друго, буквално „пред нос“ им поставиле неколку огромни контејнери за комунален отпад.

Како што велат жителите, овие контејнери се поставени претежно за користење на станарите што живеат од зградите отспротива. Поради очигледно големиот број несовесни граѓани од околните улици, кои си создале навика сиот отпад да го депонираат на оваа локација, комбинирано со нередовното собирање на ѓубрето од комуналците, овие контејнери веќе со денови се преполни со ѓубре, кое според фотографиите што ни ги испратија жителите, почнало да се прелева и да блокира дел од улицата и да им пречи на возилата што минуваат, а тротоарот е целосно узурпиран.
– Ви пишувам во очај за огромен долгогодишен проблем што го имаме како жители на општината Бутел. Станува збор за контејнерите за отпад на улицата Марко Крале во Бутел, кои се поставени да ги служат зградите. Контејнерите се поставени на нецели три метри од мојата куќа и претставуваат место на константна депонија на обичен и градежен отпад и мебел. Тие не се чистат редовно, моментално не се исчистени цели седум дена што резултира со огромна миризба и отпад по целата улица – вели жителка од една од куќите што се соочуваат со овој проблем.
Според неа, „најдебелиот крај“ од ваквата ситуација постојано го извлекуваат луѓето што живеат во куќите, бидејќи секојдневно се соочуваат со нови купишта ѓубре, кое благодарение на високите температури во овој период и различниот тип отпад, од оној секојдневен од секое домаќинство па сѐ до кабаст и градежен, создава непријатна миризба што од ден во ден станува сѐ полоша и понападна.
Паралелно со смрдеата, на жителите им е „преку глава“ и од глетката со која секојдневно се соочуваат излегувајќи од својот дом и враќајќи се назад, земајќи предвид дека на неколку метри од влезните врати има две мини-депонии.Една жителка од оваа група незадоволни бутелчани, постојано и активно се жалела и барала помош од локалните, но и ид државните институции, од кои барала реакција за решавање на овој смрдлив проблем со кој се соочува овој дел од населбата. За жал, оттаму немало слух, особено не од ЈП „Комунална хигиена“, кое како претпријатие е надлежно за собирање на сиот комунален отпад во Скопје вклучувајќи го и Бутел.
– Во изминативе години безброј пати имам пишувано и се имам жалено во Град Скопје, Општина Бутел, „Комунална хигиена“, како и Министерство за животна средина на оваа тема, меѓутоа безуспешно – вели жителката во нејзиното писмо до „Слободен печат“.
На нашите прашања до ЈП „Комунална хигиена“ зошто дозволиле создавање на овие ѓубришта и зошто е толку мал бројот на контејнери и отпадни канти во овој реон, оттаму досега не добивме ниту одговор, ниту нивна реакција на терен за расчистување на овие две споменати локации чија смрдеа ги задушува жителите на улицата Марко Крале.

Оваа група граѓани, гледајќи дека нема реакција од надлежните служби, се обиделе овој проблем да го решат на алтернативен начин – преку разговор со дел од граѓаните што оставаат секаков отпад до контејнерите и на самата улица да ги убедат да престанат со лошата навика, но, за жал, ниту овој начин не вродил со плод, туку сосем спротивно, дошло до конфликт.
– По безбројни обиди за комуницирање со несовесните граѓани, тие резултираа со навреди кон мене и моето семејство, насилство (еден од соседите расфрлаше ѓубре и ја турна мојата мајка) и закани по животот на моето милениче – посочува жителката.
Таа во име на сите нејзини соседи што во последниот период се соочуваат со овој проблем, испратија апел до „Комунална“ да ги релоцираат овие контејнери на друга локација и да го зголемат бројот на канти за отпад во нивната населба, со цел да се ослободат овие локации од прекумерно натрупување ѓубре.