Видеата кои ги споделија преживеаните откриваат застрашувачки моменти под урнатините по силниот земјотрес што го погоди Мјанмар во петокот. На снимките се гледаат две девојчиња на возраст од 13 и 16 години и нивната крвава баба како лежат во област полна со урнатини по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени. Девојчињата и нивната баба останале заробени додека се обидувале да побегнат од нивниот стан на шестиот кат во Мандалеј, вториот по големина град во земјата, кој е во близина на епицентарот на земјотресот. Во паника трчале кон итните скали, но зградата се урнала. Таткото на девојчињата првично мислел дека неговите ќерки и мајка му починале и побарал помош на социјалните мрежи за да ги извлече нивните тела. Но, се покажа дека се живи – во клучните моменти пред да се урне зградата, тие ги зеле мобилните телефони.
„Моите ќерки снимаа видеа на нивните телефони мислејќи дека ако тие и нивната баба умрат, некој можеби ќе им ги најде телефоните и ќе ги видиме ние, татко им и мајка им“, напишал нивниот татко на Фејсбук. Во својата објава тој напиша и дека неговото семејство може да слушне други луѓе заробени под нив во урнатините на станбената зграда Скај Вила. „Се довикуваа од горниот и долниот кат, но ништо не се слушаше однадвор. Како што минувале часовите, тие губеле надеж и се држеле за рака со својата баба плачејќи“, се вели во неговата објава. Спасувачите на крајот ги пронашле и со чекан направиле мала дупка низ која можеле да додадат вода, но морале да одат да добијат дополнителна опрема. Оставени сами на себе, девојките ги презеле работите во свои раце и со чекан го прошириле отворот и избегале. Сакаа да и направат поголем отвор на бабата, но камењата беа претешки и ниту еден од нив не можеше да го помести“, се вели во објавата.