Пожарникарите-спасувачи во српскиот град Лазаревац вечерва, по цели осум часа борба, успеаја да извлечат работник кој беше затрупан во канал во селото Петка, јавуваат локалните медиуми.„Спасен е Милан Рајковиќ. По осум часа. Бескрајна благодарност до пожарникарите-спасувачи. Ваквите моменти го прават животот вреден за живеење“, напиша српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ на „Инстаграм“, објавувајќи снимка од моментот кога спасувачите го извлекле работникот, кого заедно со колеги ги затрупа земја попладнево. Работникот, чие спасување беше пречекано со воодушевување од присутните, е пренесен во болница.
View this post on Instagram
Денеска нешто по 15 часот било пријавено дека тројца работници кои копале канал за топловод, биле затрупани со слој од околу три метри земја, по што веднаш почнала операцијата за спасување. За време на акцијата, се случил уште еден одрон, во кој бил затрупан и пожарникар од Лазаревац. Двајца од работниците биле брзо извлечени, а третиот бил спасен по речиси осум часа. Во интервенцијата биле вклучени 20 пожарникари и спасувачи од противпожарните и спасувачките единици Лазаревац, Кошутњак, Обреновац, Железник и Барајево со шест возила, како и двајца членови на Специјалистичката екипа за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи, соопштија надлежните.