Десетици илјади студенти денеска протестираат во Крагуевац, барајќи правда после смртоносната несреќа со натстрешницата во Србија, на едни од најмасовните демонстрации на гнев против владата, пренесе „Ројтерс“.
Три месеци откако загинаа 15 луѓе, кога се сруши натстрашницата на штотуку обновената железничка станица во вториот по големина град во Србија Нови Сад, масовните демонстрации прераснаа во најголема закана за децениската власт на претседателот Александар Вучиќ, наведува Ројтерс.
Заедно со наставниците, земјоделците и другите работници, студентите добија поддршка и од пошироката јавност, поради тоа што многу граѓани во Србија за трагедијата прстот го вперуваат – во корупцијата на владата. Студентите денеска протестираа на минусни температури, а во Крагуевац допатуваа од цела Србија со автобуси, удирајќи на тапани, дувајќи во свирчиња и веејќи го државното знаме на Србија. Мештаните попатно ги поздравуваа со аплауз. Демонстрантите одржаа и 15-минутен молк во знак на оддавање почит на загинатите во Нови Сад.
Овде сме да се бориме за подобро утре, против корупција, изјави 20-годишниот Јован, кој допатува од Белград со пријателите.
До пладне сите патишта што водат до Крагуевац беа во застој. Како што се зголемуваше бројот на луѓето, така мештаните им носеа домашни пити и топли чаеви. 52-годишната професорка Верица, се придружи кон протестите со ќерка си, тинејџерка.
-Одамна не сум била вака среќна и горда, изјави таа.
Владата на Вучиќ соопшти дека ќе спроведе антикорупциска капања, а во исто време ги демантира наводите за корупција. Вучиќ и денеска ги собра своите поддржувачи од Република Српска во соседна Босна, како и од Србија, на митинг во Сремска Митровица.
-Нивната цел не е да го срушат Вучиќ, туку да ја срушат Србија, изјави тој за демонстрантите и додаде дека „ги поддржуваат некои западни земји“.
Премиерот Милош Вучевиќ и уште двајца министри поднесоа оставки поради протестите, а обвинителите обвинија 13 лица за падот на натстрешницата. Но, секојдневните протести продолжуваат, студентите ги зазедоа зградите на факултетите и ги блокираа автопатиштата и плоштадите.
Сакаме да продолжиме со студиите, ама само кога ќе ни се исполнат барањата, изјави Ѓорѓе Вујовиќ, студент на машинскиот факултет.
Студентите бараат од властите да ги објават сите документи што се однесуваат на падот на натстрешницата, бараат правда за одговорните, ги отфрлаат обвиненијата против поединци меѓу нив, а меѓу барањата е и повисок буџет за високото образование. Иван и Ивана, 23-годишни студенти по математика, беа меѓу групата од околу 400 илјади луѓе кои 4 дена пешачеа до Крагуевац од Белград.
Сакавме да покажеме на луѓето што живеат во земјава, дека ги поддржуваме. Не мислиме само на луѓето во Белград, изјави Иван, пренесува „Ројтерс“.