Централниот плоштад Синтагма во Атина беше претесен да ги собере сите грчки граѓани кои сакаа преку мирен протест, со положување цвеќе и палење на свеќи да им оддадат почит на 57-те жртви од страотната железничка несреќа кај Темпи која се случи на 28 февруари 2023 година. Но протестите во Атина и Солун ескалираа во насилство и судири со полиција во кои има уапсени и повредени. Според последните информации уапсени се околу 84 лица, а напаѓачи со качулки фрлале молотови коктели кон грчкиот парламент при што настанал и помал пожар, a група влегла и во дворот на парламентот.
Полицајците во Атина користат солзавец и шок бомби за да ги одвратат насилниците од долната страна на плоштадот Синтагма.
Грчките медиуми јавија и за две повредени лица на улицата Омиру во Атина при обид итната помош да стигне на местото на настанот Во близина на железничката станица во Солун траат инцидентите, кои почнаа кога група луѓе кои беа на крајот од маршот, кој се одржува во рамки на мобилизацијата за одбележување на двегодишнината од железничката несреќа во Темпи, се упатија кон полицијата, јавија грчките медиуми. Овие лица носеле качулки и почнале да фрлаат молотови коктели, камења и шишиња кон полицајците. Тие одговорија со солзавец и хемиско оружје.
Протест за правда. На двегодишнината од несреќата, преку протести, штрајкови и собири грчките граѓани порачаа дека сакаат правда и вистината за случајот во кој згаснаа 57 животи да излезе на виделина и одговорните да добијат соодветни казни. Мотото на протестот во Атина и Солун под мотото „Немам кислород“ што всушност се последните зборови на неколку од жртвите од патничкиот воз кој на шините директно се судри со товарен воз кои успеале да се јават на бројот за итни повици, но починаа заглавени по експозијата од материите од товарниот воз неколку минути потоа. Овие аудио снимки кои неодамна излегоа во јавност дополнително ја вознемирија грчката јавност и повиците сите одговорни за несреќата да се изведат пред лицето на правдата и да се истражат сите околности кои доведоа до најголемата трагедија во современа Грција. Истражители ангажирани од семејствата на загинатите во несреќата открија дека по судирот на возовите најмалку 30 од 57-те загинати биле живи, но починале при разорната експлозија за која постојат сомневања дека била предизвикана од непријавен товар кој се превезувал во вагоните на товарниот воз.
Имињата на 57-те жртви во железничката несреќа во Темпи беа испишани на бела хартија на скалите на плоштадот Синтагма, во пресрет на големиот митинг за двегодишнината од железничката несреќа. Собири во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Темпи се организираат во вкупно 346 градови во Грција и во странство. Најголемите грчки синдикати стапија во генерален штрајк што буквално ќе ја парализира Грција, а во знак на солидарност во петокот најавија дека нема да работи бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, а дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени. Кон штрајкот се придружија и таксистите, адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, и супермаркетите не работат неколку часа додека трае протестот.