Прес-конференција на Ирена Кироска, членка на Извршниот одбор на ОО СДСМ-Прилеп Почитувани сограѓани, На почетокот на својот мандат, локалната власт на ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески наследија новоизградена градинка. Од ова исто место, како на филмска лента се редеа партиски и владини функционери на ДПМНЕ, вклучително и Христијан Мицкоски, кои лицитираа со датуми кога детската градинка ќе биде пуштена во употреба. Се правеа и списоци на дечиња кои требаше да бидат згрижени во новата современа градинка во населбата Точила. И така цели 4 години еден датум се менуваше со друг, една лага со друга, поголема од претходната. Дечињата пораснаа и седнаа во училишните клупи, без да ги почувствуваат возбудата и радоста од деновите поминати во предшколската установа. Неспособната власт на ДПМНЕ им откина дел од безгрижните денови на нашите најмлади сограѓани, а на нивните родители им создаде дополнителни грижи, проблеми и финансиски трошоци.
Господа властодршци, колку мандати, колку години на власт ви се потребни за конечно да ја ставите во функција градинката која ја крстивте „Бајка“, а која за прилепчани стана кошмарен сон? Бидејќи актуелниот “татко на градот“ Борче Јовчески се наоѓа на излезна врата од градоначалничкиот кабинет, несериозно е од него да се бараат било какви решенија за проблемите на прилепчани. Најмалку, пак, за градинката. Од тие причини го повикуваме премиерот Мицкоски да дојде овде, на „местото на злосторот“ од каде пред 3 години кажа една од неговите безбројни лаги. Овој пат граѓаните на Прилеп од него очекуваат да ја слушнат вистината: кога и дали воопшто, детската градинка „Бајка“ ќе биде пуштена во употреба?