Доктори, сестри, инструментарки и други тековно и поранешно вработени во приватната „Оне Хоспитал“ Тетово бараат да им се исплатат платите и надоместоците што ги изработиле. Се работи за илјадници евра, а неплатени им се и ноќни часови. Денеска тие се собраа пред зградата на здравствената установа, којашто има лиценца за работа од Министерството за здравство, да алармираат и за заспаноста на државните институции кои не постапувале по нивните пријави. Пријавувале во финансиска полиција, трудова инспекција, Управата за јавни приходи, а денеска велат дека се борат за гол опстанок. Станува збор за странска инвестиција на која ѝ се сменила сопственичката структура. Во болницата денеска немаше никој да ги прими новинарите за да ја слушнат втората страна. Болницата има договор со Фондот за здравство. На мејлот што ни го дадоа во болницата, „Слободен печат“ испрати прашања, но не добивме одговори. Медицинскиот кадар пак вели дека е сосема чудно што во случајот се прескокнуваат месеци при плаќањата, односно да се добие плата за април и мај, па да се прескокнат неколку месеци, па пак да стигне плата за ноември.
-Се обраќаме до приватната општа болница „Оне Хоспитал“ Тетово, како и до сите надлежни институции во име на сите претходно вработени колеги кои неволно и приморано ја напуштија болницата. Целта на ова обраќање е да се информира јавноста што точно се случува. Со промена на сопственоста и менаџментот на болницата пред речиси 2 години, дојде до несакани однесувања и непочитување кон медицинскиот персонал кој и онака е во недостиг во Македонија. Однесувањето беше најнапред со доцнење на месечните плати и надоместоци, сè до комплетна неисплата, при што вработените останаа без основни средства за живот, без пензинско и здравствено осигурување што си носеше за секое семејство различни непријатни последици – рече докторката Билјана Божиновска, специјалист радиолог. Вработените што ја напуштиле болницата зад камерите коментираа дека нивни колеги благодарение на тоа што останале без здравствено осигурување, дури не можеле ни да се лекуваат и членови на нивни семејства што биле осигурани на нивно име починале. -И покрај пријавите од наши колеги до трудова инспекција и УЈП како и до Финансиска полиција, ние не добивме исплата ниту некоја соодветна реакција од нивна страна туку напротив, болницата продолжува да работи. Се обраќаме до нашите релевантни институции да го разгледаат нашиот случај, да преземат соодветни мерки и да не дозволуваат инвеститорот да не постапува кон вработените соодветно на правилата и законите на нашата држава – додаде докторката.
Гинекологот доктор Ејуб Ејуб, кој ја напуштил болницата, вели дека случајот со триесетина вработени е различен – некому му доцнат со три плати, некому со пет, зависно од тоа кој како си дал отказ бидејќи треба да го прехрани семејството. -Нема плаќања за К-15, ноќен труд, изминат труд, година и половина до две години наназад. Реагиравме до менаџментот. За жал имаше неколку промени по тоа прашање за менаџментот. Секоја промена добивавме различно известување, но никаков соодветен одговор. Нашите пријави до релевантните институции беа без конкретен одговор и време е нешто да се преземе по ова прашање – изјави доктор Ејуб кој сега работи во друга приватна болница во Скопје, зашто не можел да остане во „Оне Хоспитал“ Тетово без редовни приходи за својот труд. Освен тоа што е чудно непостапувањето на институциите во овој случај, чудно е и што лекарите присутни на протестот, велат дека пари во болницата се слевале, во времето кога имало хируршки интервенции, односно имало и промет и пациенти. Но, каде оделе, не знаат, само знаат дека не примиле плати. -Тоа не е наше да утврдиме, институциите треба да работат – рече докторот. Тој додаде дека кога барале да им се исплати К-15 им понудиле да се потпишат на листи и да добијат по 100 денари, што секако одбиле, бидејќи го бараат тоа што им е заслужено.