Дел од граѓаните не се на иста линија со мнозинството сограѓани кои се организираа на социјалните мрежи и денес решија, по примерот на Хрватска и Словенија, да ги бојкотираат супермаркетите поради високите цени на основните производи. „Фокус“ посети неколку маркети во Скопје, меѓу нив и една маалска продавница и секаде начека по некој потрошувач кој или не слушнал или не сака да бојкотира иако цените не му одговараат воопшто. Акцијата може да се каже успешна, ако се земе во предвид дека маркет како „Стокомак“ за два и пол часа работа од утрово издал само 20 фискални сметки, а просекот е над 100 сметки, како и тоа дека денеска во сите маркети има нови акциски флаери на кои се нудат навистина намалени производи. Во маалската продавница луѓето си купуваа леб и цигари без да ја коментираат акцијата, но продавачката и сопственичка на малиот маркет вели дека се соочува секојдневно со граѓански бојкот поради високите цени, но посочи дека тоа е проблем што треба да го реши државата. – Кај мене доѓа битолско млеко по дистрибутивна цена од 69 денари, а во „Кам“ крајната цена за потрошувач е 65 денари. Како јас да ги продавам моите производи и по која цена? Државата нека не се прави глува и слепа, проблемите се огромни во дистрибутивниот синџир на снабдување , вели за „Фокус“ продавачката во маалскиот дуќан.
Во „Стокомак“ кој важи за еден од најевтините супермаркети, имаше огромен пад на продажбата, но сепак додека траеше нашата обиколка, начекавме потрошувачи кои пазареа или пак кои ги разгледуваа цените.
Еден од нив, беше дојден од Шведска и воопшто немаше поим дека има бојкот на маркети, па си ја наполни кошничката, додека оние постарите купувачи коментираа колку се скапи производите.„Кашкавалов сте го направиле 600 денари за килограм. Ќе одам во Тинекс да купам, денеска имаат голема акција, истакна постар муштерија кој на нашето прашање зошто токму денеска дошол во маркет рече: „Знам дека е скапо, ама не бојкотирам. Ќе си одам во маркет кога сакам“. И во останатите големи маркети, сликата беше слична. Маркетите се празни и одвреме навреме по некој муштерија си купува цигари или пиво.
Граѓанскиот бојкот пак ги натера менаџерите на ланците супермаркети нудат акции со кои „значително“ ќе се намалат цените на најосновните производи, а дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот. Еден од најизвиканите супермаркети „Тинекс“ прво ги извести своите членови дека најдоцна до утре, 31 јануари кога ќе има бојкот, можат да ги искористат неискористените поени собрани во 2024 година на своите поен-картички. Во спротивно, поените ќе бидат избришани.
Потоа објави на социјалните мрежи дека „значително“ ќе се намалат цените и тоа баш на најпотребните производи, а високите цени ги одбрани со фактот што најголем дел од производите се увезуваат и крајната цена зависи од увозните цени. По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
Премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард. Ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. – Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените, наведе Мицкоски. Поддршка за бојкотот дадоа и двете најголеми македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и Партијата на пензионери и Организацијата на потрошувачи.
Професорот Трајко Славески кој е дел од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „ТВ24“ рече дека најавениот бојкот на маркетите во петок нема да го даде посакуваниот ефект. Според него решението за ваквите проблеми треба да го најде пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите. „Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така да најдобро е како што сите сме правеле да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи“, рече Славески.