„Зошто Христијан Мицкоски го плаши вистината за трагедијата во Кочани? Дали најголемиот страв на власта е дека ако се соочат со правдата виновниците и актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе стигне до највисоките структури во власта на чело со премиерот? Зошто после речиси три месеци нема ниту еден актуелен функционер обвинет за најголемата трагедија во независна Македонија во која 62 деца го загубија својот живот, а повеќе од 200 беа повредени?! Дали Христијан Мицкоски ја штити главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани – Кристина Јованова која морала да знае дека во дискотеката Пулс се случува економски криминал? Дали се работи за уште еден партиски кадар кој носел и дома и во партија? – праша денеска на прес-конференција Мартин Костовски – организациски секретар во СДСМ.
Тој од партиската говорница рече „Како е можно двајца полицајци кои минатата година ја казниле дискотеката поради нарушување на јавен ред и мир пишувајќи казна на неактивната фирма ДПТУ Класик ДМ ДОО на газда Деко да бидат дел од истрагата за Кочани, а главната и одговорна која била должна да провери која фирма сега раководи со деловниот објект да биде поштедена?“.
„Зошто Јованова не проверила дали фирмата која била казнета има никаква економска активност? И ако проверила зошто тогаш соодветно не ја казнила компанијата „Мммм кафе дооел Кочани“ која стопанисувала со дискотеката Пулс кобната вечер? Дали Јованова земала дел од колачот на газда Деко? Како Јованова дозволила и натаму да работи „Мммм кафе дооел Кочани“ имајќи го во предвид фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од страна на УЈП за неиздавање на фискални сметки?“ праша Костовски.
Според него, прашање е „Како е можно Јованова и раководството на МВР да дозволат со дискотеката Пулс која имала илјадници посетители секоја недела да стопанисува фирма со блокирана сметка која не може да обавува никаква економска активност?“.„Ако фирмата има блокирана сметка тоа значи дека ги плаќала кон добавувачите, вработените и сите останати обврски нелегално со црни пари во кеш! Кочани не е милионски град па Јованова или било кој во МВР да не може да открие дека единствената дискотека во градот работи на црно, пере пари и го оштетува буџетот на државата!Доколку МВР и сите надлежни институции навреме го детектирале криминалот во дискотеката Пулс немаше да загубиме ниту еден млад живот! Го повикуваме обвинителството да спроведе независна истрага и да се ослбоди од стегите од власта“ порача Костовски.