Голем број јавни личности од целиот регионот на поранешна Југославија денеска официјално ја започнаа најавената медиумска кампања „Крокодилите доаѓаат“, чија цел е борба против агресивното рекламирање на коцкањето и обложувањето. Кампањата започна со премиера на видеото во кое учествуваат креатори од целиот регион, пренесоа медиумите. Од Македонија, во кампањата учествува Влатко Стефановски, кој ја свири гитарската соло-делница во промотивната песна на ансамблот, кој се вика „Крокодили“.
Проектот ги поддржува луѓето кои се борат со коцкањето, порачувајќи им дека има излез од овој тип на зависност. Тоа е прва кампања од ваков вид во регионот, а воедно и првиот општествено одговорен проект што на волонтерски принцип собра музичари од сите земји на поранешна Југославија од „Ју-рок мисијата“ во 1985 година.
Во кампањата учествуваат низа познати музички имиња од просторите на поранешна Југославија: Срѓан Гојковиќ-Гиле („Електрични оргазам“), кој е и автор на музиката и текстот на промотивната песна, потоа Зоран Костиќ-Цане („Партибрејкерс“), Рамбо Амадеус, Дарко Рундек, Џибони, „Атеист Рап“, „Дубиоза колектив“, Миле Кекин, Зоран Предин, Дејан Цукиќ, „Лету штуке“, „Зостер“ и многу други.