Граѓаните ќе видат она што одамна го знаат: функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност. Со ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на МВР, наместо ред и поредок, царуваат неказнивоста и селективноста. На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената; изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Станува збор за ова возило „мини купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот. Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје. Еве го тоа видео, да го погледнеме.
Полицајците го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР. За само една минута, началник од МВР, кој според нашите информации тогаш дури и не бил во земјата, се јавува на полицајците и им дава наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен. Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им е казната да ја запишат на друго лице. Така, казната е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929. И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме.
Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи, сообраќајки со тешки последици има на секој чекор. Сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје. И што прават Тошковски и МВР? Наместо да обезбедат почитување на законот, ги штитат прекршителите — само затоа што се функционери на ДПМНЕ. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги.
„Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи. Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери. Функционерите на ДПМНЕ се над народот, над законите и над Уставот. За нив нема одговорност — сите други се виновни, само тие не. СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу. Со Тошковски, законот не важи за функционерите на ДПМНЕ. Ова е безаконие. Време е за одговорност“, рече Кузеска.