Обвинителството и Христијан Мицкоски мора да одговорат зошто досега не е поведена истрага против актуелната началничка на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска во моментот кога се случил пожарот?! Зошто Марија Цветковска Маневска не одговара за затворената врата во дискотеката Пулс, постапка која скратила драгоцени секунди за спас на многу животи?! Како е можно како началник на ОВР Кочани, Маневска да нема информации дека е издадена и се спроведува наредба спротивна на стандардната оперативна процедура во секторот на ОВР со која самата раководи, прашува портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска тврди дека Цветковска Маневска е личен избор на министерот Панче Тошковски за началник на ОВР Кочани уште во техничката Влада.
– Дали е точно дека одговорниот за реонот во Кочани во кој се наоѓа дискотеката Пулс неколку месеци пред пожарот испратил службена белешка до своите надредени меѓу кои и Марија Цветковска Маневска дека дискотеката работи спротивно на законите? Ако Маневска добила ваква службена белешка зошто не постапила и не ја затворила дискотеката пред да се случи трагедијата?! Дали е точно дека додека горела дискотеката одредени полициски службеници не биле на висина на задачата меѓу кои и началничката Марија Цветковска Маневска? Дали Христијан Мицкоски лично ги штити овие луѓе од страв дека доколку станат дел од истрагата и против нив се поведе обвинение, истрагата ќе доведе лично до него и до неговите најблиски соработници? – прашува таа.
Кузеска вели дека Обвинителството мора да одговори зошто нема обвинение против овие луѓе.