Лажна вест во форма на видео, во кое се тврди дека кардиохирургот д-р Жан Митрев е убиен, стана вирална на социјалните мрежи. Видеото е објавено како спонзорирана реклама од Фејсбук страницата со име Barczak Nicky Conomon, а до моментот на објавување на оваа вест, има над 137.000 прегледи, повеќе од 1.600 реакции и 75 коментари. Во видеото е злоупотребено и логото на Канал 5 телевизија, а како спикер е искористен гласот и ликот на новинарот Борислав Тноковски, што дополнително ја зголемува веродостојноста на дезинформацијата за дел од јавноста.
Иако голем број граѓани оставиле коментари со изрази на сочувство, дел од корисниците забележале дека станува збор за манипулација – најверојатно изработена со вештачка интелигенција и аудио-визуелна монтажа. Страницата Barczak Nicky Conomon се претставува како „бизнис услуга“ и е регистрирана со локација во Њујорк, САД. Сепак, таа нема никаква поврзаност со медиумски организации. Содржините што ги објавува се карактеризираат со необични наслови и т.н. „clickbait“ видеа, од кои дел промовираат здравствени совети, а други – како овој случај – шират лажни вести.
Ова е уште еден пример за опасноста од дезинформации на социјалните мрежи, особено кога се злоупотребуваат брендови на медиуми и јавни личности. Одговорноста за вакви објави, кои можат да предизвикаат паника и забуна, останува прашање и за платформите што ги дозволуваат и за институциите што треба да ги санкционираат.