Во најновото издание на шорткастот „Интеркултура“ на ИМА, Роберт Алаѓозовски разговара со професорката Мирјана Малеска за домашниот политички и општествен систем, низ призма на трагичниот пожар во Кочани, моменталните политички состојби и меѓуетничките односи. Коментирајќи ја катастрофата во Кочани, Малеска ја истакнува корупцијата како главен проблем во општеството, а од повеќето фактори кои ја креираат оваа состојба, го издвојува недостатокот на мерит – систем во јавната администрација.
„Живееме во едно длабоко политизирано и во таа смисла, од тој аспект, поделено општество. Ваква поделба помеѓу политичките партии, каде што едните, за секој проблем да кажеме го обвинуваат другиот, другата политичка партија и обратно, не може да резултира во ефикасна да кажеме борба против корупцијата, оти корупцијата е главен проблем во ова општество. И сега, со оваа катастрофа во Кочани се виде дека всушност се работи за еден корумпиран политички систем…Институциите се пополнуваат со, како награда на партиски активисти и, тука мерит системот само е на зборови. Значи зборуваме за мерит систем. Ако погледнете на пример Агенцијата за вработување има едно чудо критериуми воспоставено. На крај сепак влагаат оние коишто се политички, партиски подобни. Тоа не е мерит – систем“, истакна таа. Во поглед на начинот на кој се води истрагата за овој случај и нејзиниот можен исход, Малеска смета дека таа е обид да се внесе страв кај луѓето, кој иако има некаков ефект, не е доволен.
„Ова сега, проширено да кажам, ај да не речам масовно апсење на луѓе, е всушност обид да се внесе страв кај луѓето, поконкретно…кај оние кои имаат некаква одговорност во општеството и се наоѓаат на некакви позиции, за во иднина да водат повеќе сметка. Резултатот од тој страв директно го осеќаме, еве ние граѓаните на општина Карпош, немаше хидранти во зградите…Сега наеднаш, самата општина се заангажира околу тоа да се воведат хидранти. Значи, стравот има донекаде ефект, меѓутоа не е доволно. И можеби сам по себе не е метод којшто ќе донесе на подолг рок некој бенефит. Сите овие луѓе кои се денес обвинети ќе мора да поминат низ судски процес, треба да се докаже нивната одговорност. Така што, претпоставувам дека голем дел од нив ќе бидат ослободени од таа непосредна, директна одговорност и сето тоа ќе се заташка, ќе се замолчи општеството, ќе се замолчат луѓето, и ќе помине можеби со казни на неколку луѓе, а за останатите просто се сомневам дека Обвинителството ќе најде доволно докази“, оценува професорката Малеска.
Осврнувајќи се на обидите за лоцирање на одговорноста за трагедијата во Кочани низ етничка призма, Малеска чувствува дека постои момент на освета кон ДУИ и дека тоа може да ги влоши меѓуетничките односи. „Постои една освета кон албанската заедница, посебно кон оваа партија ДУИ… ‘Е сега ние Македонците ќе ви покажеме вам Албанците со демократски средства, кој е газда во куќата’. И тоа се прави не само сега после оваа трагедија во Кочани со апсење на некои функционери од ДУИ – поранешни, туку тоа започна уште и во реториката предизборна, изборна на ВМРО-ДПМНЕ…Таа реторика продолжува, а сега само се покажува како една конкретна акција“, вели таа. Оттука, Малеска посочува дека овие состојби може да доведат до влошување на меѓуетничките односи, но и на односите во коалициската влада, а едно-национална влада не е возможна за нашето општество.
„Оваа положба на – имала одредени права таа заедница, а сега ги нема или се одземаат, никогаш не опстанува на подолго време. Значи, не можете да одземете некому права кои веќе ги уживал… Доколку не ги исполни оваа власт, пред сé ВМРО-ДПМНЕ, ветувањата што им ги дала на ВЛЕН да кажеме, за одредени прашања кои ги поставија тие во програмата – едното од нив е и пристапувањето во ЕУ во рок од 6 месеци, ќе доведе во влошување на внатре-коалициските односи. И, не знам што ќе се случува, меѓутоа едно-национална влада е тука незамислива…Од 2001 секако, а и секогаш имало, нели, во владата од таа етничка заедница претставници, од осамостојувањето на државата до денеска, секогаш сме имале коалиција меѓу македонска една партија и албанска, условно да ги наречеме…“, укажа Малеска. Цитирајќи професор со големо искуство во конфликтите помеѓу католиците и протестантите во Северна Ирска, Малеска заклучи дека моделот на споделување на власт е вистинското решение и помага за поголема толеранција во нашето општество.
„Тој велеше: ‘Треба да градиме култура на мир…Ниедна цел, ниедна кауза не е вредна еден човечки живот’. Некој што видел како изгледа конфликт. Ние, сме виделе и ние 2001-ва година… Сметам, и сметав и тогаш – и пред овој модел да биде воведен, сум пишувала во прилог на еден таков модел – дека ни помага, дава пример во општеството за поголема толеранција. Просто, сметам дека си ја сечеме гранката на која седиме доколку ги уриваме овие елементи, инструменти и, како да кажам – и самиот модел на споделување на власт, кој мислам дека за ова општество е решение“, истакна Малеска. Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.