Планинарката Ирина Камилоска, мајка на Јосиф и бебето Лена, сопруга на пејачот Павле Камилоски, е наша гостинка во седмата епизода на „Мамавизија“.
Оваа алпинистка која јавноста ја запозна по нејзините експедиции, раскажува како животот ѝ се менуваат комплетно. Во период од само три години ја запознала љубовта на нејзиниот живот, влегла во брачните води и станала мајка на две деца. Овој животен тек можеби физички ја спречува да биде активна планинарка со сериозни експедиции, но не ја спречува да оди на планина. Таа се качувала на Водно и во двете бремености дури и во деветтиот месец, а не го изоставила ни планинарењето и со новороденчињата.
Во „Мамавизија“ објаснува дека не е ризично да се оди на планина со мало бебе, ниту во подоцнежна бременост и раскажува за подвигот кој таа го започнала – Мајки на Водно. -Луѓето треба да знаат дека воздушниот притисок на Средно Водно и сега каде што седиме е ист, па дури и на врвот на Водно. Не е страшно на таа надморска височина да качите бебе. Кога се роди Јосиф, одев сама на Водно, тоа за Павле беше малку чудно, но не ми забрануваше, дури и тој често ми се придржуваше. Но, за да се чувствува посигурно дека не сум сама, објавив на Инстаграм повик до сите мајки кои сакаат да ми се придружат. Првиот пат дојдоа само две мајки, а денеска сме преку 70 мајки со бебиња со кои планинариме заедно – вели таа.
Камилоска ги открива предизвиците на родителите со деца кои се родени со мала разлика. -Најважно е да направите некаков ред, ако успеете да воспоставите тактика да ги заспивате децата во исто време, тоа многу го олеснува животот – вели таа.

Камилоска ни откри дека со Павле размислуваат и за трето дете. -Јас доаѓам од многудетно семејство, ние сме три деца, а и Павле исто така, тој има две сестри. И отсекогаш сум сакала три деца и тој исто така. За полот не сум размислувала, само да е живо и здраво. Инаку, интерсно е што и јас раѓам брзо едно по друго, како и мојата мајка. Мојот брат и јас сме разлика година и два месеци, а сестра ми и брат ми година и пол – рече нашата соговорничка. Гледајте ја целата емисија „Мамавизија“, чиј водител и автор е Александра Вуксановиќ, на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.