По пауза од повеќе од половина век, два англиски клуба повторно ќе се соочат во финалето од Лига Европа – натпреварување што порано се играше под името Куп на УЕФА. По 53 години, сценариото од сезоната 1971/72 кога се судрија Тотенхем и Вулверхемптон се повторува, но овојпат Тотенхем ќе го има за противник Манчестер Јунајтед во завршниот натпревар. Англиските гиганти со доминантни настапи во реваншите ја потврдија својата надмоќ и обезбедија место во големото финале. „Црвените ѓаволи“ ја декласираа Атлетик Билбао со убедливи 4-1 во Шпанија, а вкупниот резултат од двомечот (7-1). Баскијците први го отворија резултатот преку Јаурегизар во 31. минута, но второто полувреме беше целосно во знак на англискиот тим. Мејсон Маунт блескаше со два погодока, од кои едниот беше вистинско ремек-дело од центарот на теренот, додека по еден гол додадоа и Касемиро и Хојлунд.
Во Норвешка, Тотенхем ја заврши работата против Бодо/Глимт со победа од 2-0, што им донесе вкупни 5-1. Соланке и Поро беа стрелците во второто полувреме, доволно за безбедно патување кон финалето. Финалниот судир меѓу Тотенхем и Манчестер Јунајтед е закажан за 21 мај на стадионот „Сан Мамес“ во Билбао. Победникот не само што ќе го крене трофејот, туку и ќе добие место во следната сезона од Лигата на шампионите – последна шанса за двата тима да обезбедат учество во најелитното европско натпреварување, откако преку Премиерлигата веќе ја загубија таа можност. Со тоа, Англија во новата сезона ќе има дури шест претставници во ЛШ.