Иако новинарот одговори дека по прес-конференцијата ќе каже за кои маркети има сознанија дека преку „специјални договори“ ги качуваат маржите до 40 или 45 отсто, премиерот возврати дека ќе го повикаат органите па пред нив ќе каже. Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција на новинарско прашање што ќе преземе државата против трговците кои наводно преку „специјални договори“ ги зголемуваат трговските маржи на производите за 40 до 45 отсто, инсистираше новинарот да открие за кои трговци станува збор. Мицкоски потенцираше дека ако новинарот што го постави прашањето не ги каже трговците за кои има сознанија, тоа значи дека прикрива кривично дело и дека ќе го повикаат органите кои се задолжени за тоа, па пред нив ќе каже. Целиот разговор меѓу премиерот Мицкоски и новинарот се одвиваше вака: Новинар: На социјалните мрежи веќе има повици за бојкот на маркетите во петок, каков е вашиот личен став по ова прашање со оглед на тоа што вие премиере имавте поприлично остри изјави кон маркетите кога почна да се имплементира т.н. новогодишна кошница. Дали можеби ќе ги поддржите граѓаните?
Мицкоски: Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат. Новинар: Да се надоврзам на ова прашање, веќе има поплаки од дел од производителите дека се уценувани од големите ланци на маркети, конкретно знам за два маркети кои што се обидуваат да го изиграат Законот за нефер трговски практики кој што стапи во сила од овој месец. Им се даваат договори со 10 отсто маржа меѓутоа потоа им се нудат специјални договори, дел се и усни каде што маржата се зголемува и до 40-45 отсто. Дали имате вакви информации и што ќе преземете како држава?
Мицкоски: После оваа содржина на прашањето постојат две дилеми, првата дилема е апсолутно тоа ако се случува е кривично дело. И второ, ве молам кажете ги кои се тие двајца за кои што имате информации, како се викаат, кои се тие? Новинар: Јавно? Мицкоски: Тогаш сокривате кривично дело, ако не ги кажете. Новинар: Ќе ви ги кажам кога ќе заврши прес-конференцијата. Мицкоски: Не, ќе ги кажете пред органите кои што се задолжени за тоа. Јас мислев јавноста да знае кои се. Еве јавноста сакав да знае бидејќи ги споменавте, но ќе ве повикаат органите и пред нив ќе ги кажете. Новинар: Ги кажав. Мицкоски: Не ве слушнав простете. Новинар: Тинекс и Веро. Мицкоски: Тинекс и Веро. Во ред, еве јас од овој момент кога ќе ја напуштам оваа прес-конференција ќе се обратам до соодветните институции веднаш да преземат мерки.