Премиерот Христијан Мицкоски не го откри јавно со име и презиме обвинителот за кој вчера зборуваше дека бил шокиран како се однесувал, а бил прв човек на една обвинителство за акцијата што се отвори за злоупотреба на нафтени деривати. Во неа осомничен е и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски. -Јас сум сигурен дека вие новинарите точно знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенијa.
На тој што му стоеја на ушка на една слика – рече Мицкоски алудирајќи на сликата на која Абази е во домашна опуштена атмосфера со братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Премиерот очигледно мисли на обвинителот Ислам Абази, кој е на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а при именувањето на функција се поврзуваше со тогашната владејачка партија, ДУИ. Обвинителството отвори истрага против сопственикот на „РКМ“, Ратко Капушевски и Јахоски, но последниот заврши во куќен притвор. Обвинителството денеска соопшти дека поднесе жалба на решението на судија на претходна постапка според кое Јахоски треба да оди во куќен притвор.