Обилниот дожд во Славонија предизвикува големи проблеми. Во многу населени места надојдената вода стигнала до куќите. Количеството на дожд што досега наврна е поголемо од просекот за неколку месеци на места. Поголеми количини на врнежи паднаа и денеска, соопштија хрватските власти. На места низ Славонија куќите и зградите се под вода, но ситуацијата се смирува. Од „Хрватски води“ најавија дека ситуацијата утре ќе биде многу подобра, а се очекува врнежите да престанат. Критично е и во соседна Босна и Херцеговина. Реките Уна, Корана и Купа денеска забележаа највисоки водостои, соопштиja „Хрватски води“. Од утрово е воведена вонредна состојба за заштита од поплави за реката Уна во областа Хрватска Костајница бидејќи водостоите го надминале референтното ниво од плус 450 сантиметри. Повеќе од 600 пожарникари учествуваа во одбраната од поплави, покажуваат податоците на Хрватското пожарникарско здружение.
Група мигранти беа спасени и во поплавените подрачја на Славонија.
Управата за цивилна заштита на Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска ја соопшти состојбата на терен во одбраната од поплави во Сисачко-мославачката жупанија.
Неколку населби во Хрватска Костајница, се опкружени со вода поради тоа што се излеа реката Уна, па на терен излегоа припадниците на Хрватската планинска служба за спасување (ХГСС) со еден чамец како и други спасувачки цивнилни служби со два чамци, пет пумпи за испумпување и два дрона, соопштија тие. Останува критично во Босна и Херцеговина, каде водата навлегла во стотици домови и згради.
Поради поплави затворени се и некои регионални патишта. Најлошо е во северниот и северозападниот дел на земјата, каде што водата се излеа од речните корита, во областите Сански Мост, Приједор и уште неколку помали градови. Ноќта меѓу петокот и саботата во Приједор беше прогласена вонредна состојба, а локалните власти известија дека 350 згради се загрозени додека две семејства морале да бидат евакуирани од своите домови.
Во Сански Мост, реката Сана во саботата наутро била на ниво од речиси 430 сантиметри, а во текот на ноќта водата навлегла во општинската зграда, па морало да се организира операција за извлекување на архивите што се чуваат таму. Во областа Босанска Градишка поплавени се педесетина станбени и помошни објекти, но локалните власти за цивилна заштита тврдат дека најкритичниот период поминал бидејќи нивото на водата престанало да расте по слабеењето на врнежите. Водата постепено се повлекува на подрачјето на 16 бањалучки населби кои беа поплавени во петокот и каде е прогласена и вонредна состојба за заштита од поплави. „Реките Врбас и Босна опаѓаат и нема потреба да се шири паника, но нема простор ниту за опуштање“, изјави Борис Трниниќ, директор на Управата за цивилна заштита на Република Српска.