Тројца израелски заложници кои ги држеше палестинското исламистичко движење Хамас се предадени на тимот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) кој отиде во Газа, соопшти Израел. Пред да бидат ослободени по 16 месеци заробеништво, тројцата мажи биле принудени да излезат на сцената и да зборуваат на пропаганден настан на Хамас.
Израел и Хамас денеска продолжија со нова размена – 5-та по ред – на израелски заложници и палестински затвореници, како дел од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа. Десетици вооружени лица на Хамас со покриени лица се распоредија во Деир Ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа, на местото каде што заложниците требаше да му бидат предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. На местото на настанот се собра голема толпа луѓе за да го следат настанот. По завршувањето, возилата на Црвениот крст ги собраа заложниците за да ги пренесат до израелските сили во Газа, а потоа до Израел.