Пожарите што го пустошат југоисточниот дел од Јужна Кореја продолжуваат „брзо да се шират“ и сега официјално се „најразорните досега забележани“ во земјата, соопштија денеска властите, објавувајќи нов, уште поголем број на жртви, кој сега достигна 26 загинати. Повеќе од 12 пожари избувнаа во текот на викендот, прекинувајќи ги патиштата, далноводите и телекомуникациските мрежи, додека околу 27.000 жители беа принудени да ги напуштат своите домови. „Пожарот брзо се шири“, рече Ли Хан-кјунг, шеф на агенцијата за управување со катастрофи, давајќи нов биланс: „26 лица се мртви, 8 тешко повредени и 22 полесно повредени во најразорниот пожар во историјата“, објасни тој.
Властите нагласуваат дека еволуцијата на ветровите и сувото време ги откриле границите на конвенционалните методи за гаснење пожари.
Покрај илјадниците пожарникари и вооружените сили, американската војска придонесува во напорите со хеликоптерите кои полетуваат од нејзините бази во јужниот дел на земјата.
Повеќето од жртвите се локални жители, но меѓу загинатите има и најмалку тројца пожарникари и пилотот на хеликоптерот што се урна вчера во планинска област додека учествуваше во напорите за контрола на пламените јазици, соопштија властите. Две места на светското наследство на УНЕСКО, магнети за туристи, селата Хефе и Бјеонгсан Сован и понатаму се под закана.
Оваа невидена катастрофа „уште еднаш ја открива суровата реалност на климатската криза“, коментира Ли Хан-кјунг. Тој истакна дека во погодените подрачја врнежите во сезоната биле половина од годишниот просек. 2024 година беше убедливо најтоплата година забележана во Јужна Кореја, со просечна годишна температура која достигна 14,5 степени Целзиусови – два степени над просекот од претходните триесет години – според јужнокорејската метеоролошка агенција. Властите велат дека областа зафатена од пожарите доживеала екстремно суво време и подпросечни врнежи. Бројот на пожари во Јужна Кореја е веќе повеќе од двојно зголемен оваа година во споредба со истиот период во 2024 година. Врската на некои видови екстремни временски услови со климатските промени е непобитна (топлински бранови, обилни врнежи…). Сепак, феномените како шумски пожари, суши, снежни бури и тропски бури се припишуваат на комбинации на сложени фактори.