Само стручни и компетентни луѓе да дојдат на вистински позиции и ќе бидат моторот на локомотивата за реформи. Вака, еднаш засекогаш ќе може да проработат принципите на законитост, стручност и компетентност, а ќе можат да се применуваат и во оваа наша држава. Повторувам дека тоа е единствениот пат по кој Владата треба да се движи и од кој граѓаните многу брзо ќе можат да го почувствуваат бенефитот на правната држава. Сè друго би било политички памфлет и несоочување со реалноста и проблемите на граѓаните кои сега ги видовме околу несреќата во Кочани, вели професорот во пензија Борче Давитковски во неговото гостување во емисијата „Пресврт“ на „Слободен печат“. – Доколку се сака, ова можеби и ќе бидат најболните реформи за државата, а во светот има многу примери кога во вакви ситуации паѓале и влади. Таков пример имаме и во Англија каде што по тогашните реформи падна и Владата на Маргарет Тачер како резултат на преструктурирање на тамошниот јавен сектор. Овде пак, потребно е актуелната Влада да има политичка волја тоа да го спроведе. Повторувам, јавниот сектор е преполн со нестручни луѓе кои можеби и не по своја вина носат грешни одлуки единствено поради тоа што се необучени како што треба, а добиле работа преку партија – подвлекува професорот Давитковски.
Тој во разговорот се осврна и на протестите на младите и студентите на улиците и како тие можат да се организираат непартиски и да си ги остварат своите барања институционално. – За жал кај нас во изминативе години сите млади кои сакаа да бидат инволвирани во политика мораше да поминат во политичките подмладоци и да градат политичка кариера. Сега, за разлика од тогаш постојат низа форми каде што можат младите да се организираат и институционално да делуваат. Постојат пленуми, форуми, граѓански иницијативи, здруженија на граѓани итн. каде што овие млади луѓе можат да си ги артикулираат своите барања, а да не мора да одат преку политички партии. Пример имаме во соседството каде што студентите во Србија преку студентските форуми имаат барања кон власта за спроведување на законите. Истото тоа може и овде да се спроведе – појаснува Давитковски. Давитковски ги повика пратениците да се вратат во Собранието.

– Кога државата е во една ваква деликатна состојба, пратениците не треба да се кријат од говорницата во Парламентот со објаснување дека можеби таа ќе биде злоупотребена. Напротив, токму говорницата е за тоа ако треба да се злоупотреби. Ако треба да се бара некоја политичка одговорност, а не тие да се кријат или едноставно да не работат. Сега се виде дека во некои закони треба промптно да се интервенира, со цел да се надминат слабостите кои се појавија со Кочани. И сега наместо да земат во тие закони да интервенираaт, пратениците не доаѓаат на работа. Страв ми е да не излезе ситуацијава како кампања. Треба перманентно да се инсистира на стручност и компетентност на доследна примена на законите сè со цел да имаме брза и професионална истрага за расчистување на несреќата – посочува Давитковски.
Целиот разговор со професорот Борче Давитковски можете да го погледнете во видеото погоре на каналот и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.