Прес-конференција на Сенат Шабаноски, ОО СДСМ Прилеп Почитувани сограѓани, На денот кога се празнува Меѓународниот ден на Ромите 8 Април, ние Ромите од Прилеп ја прашуваме локалната власт на ДПМНЕ: До кога Тризла 2 ќе биде заборавена?
Жителите од оваа прилепска населба се соочуваат со сериозни инфраструктурни проблеми, за кои надлежните институции, вклучувајќи го и градоначалникот, се целосно информирани, но не преземаат ништо. Недостигот на асфалтирани улици, оштетените и неуредени патишта, како и недостатокот на улично осветлување, го прават секојдневието на жителите на оваа населба небезбедно и понижувачко. Главната улица редовно се поплавува при секој посилен дожд, што е сериозен проблем за движењето и на пешаците и на автомобилите, но и за учениците кои не можат безбедно да стигнат до училиште. Дополнително, во Тризла 2 се формирани повеќе диви депонии кои сериозно го загрозуваат здравјето на ромската заедница, која и онака живее во супстандардни услови со минимална грижа од Општината и државата.






Иако е при крајот на својот мандат кој истекува за шест месеци, градоначалникот Борче Јовчески не најде време ниту еднаш да ја посети Тризла 2. Тој никогаш не стапна во оваа населба, ниту покажа вистински интерес за проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Посебно загрижувачка е состојбата во „Три багреми“ каде што живеат повеќе од 60 семејства, кои се целосно оставени без пристап до чиста вода за пиење. Во 21 век, ова е срам за секоја власт која тврди дека се грижи за своите граѓани. Од градоначалникот добиваме само честитки за Денот на Ромите, но не и конкретна помош за подобрување на стандардот и условите за живот ромската заедница. За таа цел бараме:
- Итно асфалтирање и одржување на улиците;
- Поставување на улично осветлување;
- Решавање на проблемот со поплавите;
- Чистење на дивите депонии и спречување на нивно повторно создавање;
- Пристап до чиста и здрава вода за пиење за сите домаќинства.
Жителите на Тризла 2 не бараат милостина, туку еднаков третман и човечки услови за живот. Време е за дела, не само за празни зборови. Драги мои Роми, честит 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите! Да бидеме обединети, горди и гласни. Да се поддржуваме еден со друг, да веруваме во себе, да создадеме услови за идните генерации Роми да растат достоинствено, да бидат почитувани членови на заедницата. Време е нашиот глас да се слуша, нашите соништа да се остварат, а нашето знаме гордо да се вее секој ден, не само на 8 април.