Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна во Курск, каде што се сретна со руски војници, пред кои предложи создавање безбедносна зона долж државната граница во Курската област. Путин му се заблагодари на военото раководство за сѐ што направило во областа, од која украинската војска освои значајни делови од август лани наваму.
Првата посета на Путин на линијата на фронтот во рускиот регион од пробивот на украинските сили, доаѓа откако денеска руската војска ја презеде контролата врз поголемиот дел од Курск и околината, по повлекувањето на украинската армија, кое веројатно е поврзано со преговорите за прекин на огнот под покровителство на САД. Путин пред војниците рече дека треба да го „победат непријателот“ во областа Курск и целосно да го ослободат рускиот регион, додавајќи дека непријателските војници заробени во Курск ќе бидат третирани како терористи.
Рускиот заменик-министер за одбрана Валериј Герасимов изјавил дека Русија ослободила повеќе од 1.100 квадратни километри во областа Курск и нагласи дека „плановите на Киев во таа област пропаднале“. „Украинските сили се опколени во областа Курск“, рече Герасимов додавајќи дека украинската армија претрпела големи загуби и дека руските сили влегле во пограничниот украински регион Суми. Украинските вооружени сили ја преминаа руско-украинската граница и почнаа воени операции на територијата на руската Курска област на 6 август минатата година.