Русија утринава го гранатираше центарот на градот Суми во североисточна Украина, погодувајќи тролејбус и убивајќи неколку цивили. Нападот е извршен со ракета „Искандер-М“, потврдија украинските власти.
Вршителот на должноста градоначалник на Суми, Артем Кобзар, рече дека има „многу мртви“ и дека „непријателот повторно го нападна цивилното население“. Првите снимки од терен покажуваат уништени цивилни згради и возила во центарот на градот, а според првичните информации меѓу погодените возила има и градски тролејбус.
Сличен напад се случи пред неколку дена во Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тогаш во рускиот ракетен напад врз станбена зграда и комунални објекти беа ранети најмалку 20 лица, од кои девет деца. Москва без никакви докази тврдеше дека нападнала собирно место на украински војници и западни инструктори.