Денес, во Собранието на Република Северна Македонија, сведочевме на уште еден чин на отуѓеност на владејачкото мнозинство од реалноста во која живеат граѓаните. Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои предложивме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи. Ова беше можност да се стави крај на скапотијата, да се намалат трошоците, да се растоварат семејните буџети. Но, владејачкото мнозинство избра да ја продолжи својата политика на игнорирање на реалноста и да покажува негрижа за граѓаните.
Во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна. Со предложените измени и дополнувања на Законот за ДДВ предвидовме одржливи решенија. Намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема.
Истото важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше директно поевтинување на храната – односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите останати основни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните. Но, наместо поддршка за граѓаните, гледаме политички калкулации. Имаме отфрлање на предлози коишто може да направат позитивна разлика во секојдневниот живот. Почитувани, се ветуваа повисоки плати, но граѓаните денес купуваат помалку со истите приходи. Се ветуваше енергетска независност, а ние увезуваме повеќе струја. Се ветуваше подобар живот, а денес едно семејство треба да издвои 2,9 минимални плати за да ја покрие потрошувачката кошница од 63.773 денари. Денешното гласање во Собранието покажа дека владејачкото мнозинство нема политички сензибилитет за социјална правда и економска рационалност, не ги интересира дали граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, дали храната ќе продолжи да поскапува, дали семејните буџети ќе продолжат да се празнат. Но, ние нема да кренеме раце, остануваме на страна на граѓаните. СДСМ ќе продолжи да политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговски практики, за поевтин „зелен картон“ и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.