Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција објави како што рече, скандал, според кој ВМРО-ДПМНЕ трошеле десетици илјади евра на јадење и пиење во луксузни ресторани.
Денес е 1 Мај, денот кога работниците маршираат за своите права и повисоки плати. На овој ден, објавуваме нов скандал кој уште еднаш потврдува до која мера оваа власт е отуѓена од народот и длабоко заглавена во елитизам, расипништво расфрлајќи се со народните пари. Во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани. Верувале или не, во првите четири месеци од годинава, оваа власт потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани. Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни и ќе бидат дадени до медиумите, рече таа.
Упати прашање до министрите.
Почитувани министри, Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани? Секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот. Нема пари за плати, но има за гоштевања на министрите. Ова не е расипништво – ова е изживување. Ова не е власт на граѓаните – ова е елита што се изолирала од сопствениот народ. Главни кафанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот. Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека они немаа плати, барем министерот не бил гладен. ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори. Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници. Оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат. На 1 Мај порачуваме: СДСМ ќе продолжи да ја разобличува оваа власт, да ги брани граѓаните и работниците, и да се бори за нивните права, рече Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со реакција во која тврдат дека СДСМ се гладни не за правда, туку за враќање на криминалниот луксуз.
Додека народот слави 1 Мај, од СДСМ – партијата што ја претвори државата во приватен банкомат – слушаме уште една ефтина фарса обвиена во лицемерие и двојни аршини. Богданка Кузеска, портпаролката на поразениот СДСМ денес обвинува за наводен „луксуз“, заборавајќи дека токму нејзината партија, во време на пандемија и кризи, купуваше папаји, аспарагуси, златни лажици и плаќаше за ручеци со готвачи од Мишелин. Заборава ли Кузеска на времето кога Заев, Филипче и Забрчанец купуваа апарати што никогаш не ги користеа, трошеа на авионски летови, а болниците гореа? Овие луѓе немаат морална вертикала. За нив, народот постои само како гласачка машина. Храбро молчеа кога нивните министри трошеа стотици илјади евра на коктели, хотели, па дури и на мобилни апликации од 300.000 евра. Некои од тие министри, како Маричиќ или Бујар Османи кои денес се најгласни, знаеја да потрошат исти вакви средства за само една или две вечери, со пајташи и партиски клики, во најлуксузните ресторани на Балканот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинуваат дека тогаш, во времето на тие трошења немало прес-конференции.
Имаше тишина и задоволство. Кузеска треба јасно да одговори колку пари се украдоа од нејзините шефови во оние тендери во 4 очи, без огласи и конкуренција? Колку пати ваши кадри патуваа со приватни авиони, додека народот беше затворен дома? Не ве боли луксузот – ве боли што повеќе не сте на власт. Ви недостига расипништвото. Вие не знаете поинаку освен да трошите без контрола. Ве боли што народот ве исфрли како што се фрла расипан производ – со јасна порака: „Доста беше!“ ВМРО-ДПМНЕ работи. Министрите веќе ги решаваат проблемите што СДСМ ги создаде. Исплаќаат плати што тие ги блокираа, инвестираат во инфраструктура, економија, правда. И тоа ги плаши – затоа измислуваат скандали. Но граѓаните не се наивни. СДС и елитизмот се синоними. Заевизмот е жив – во Кузеска, во Филипче, во сите кои и понатаму ја срамат партијата која некогаш барем имаше идеологија. Ние ќе продолжиме со работа. А тие нека продолжат со фрустрации. Гладот им е политички. И ќе останат гладни уште долго.