Цените во маркетите продолжуваат да се искачуваат до нереално високи нивоа, а зголемувањата достигнаа и до 60%. Овие астрономски цени не се само рекорди, туку и показател за неуспехот на актуелната влада во управувањето со економијата, дури и во најтешките периоди како што беше енергетската криза. Како што предупредувавме, мерката за замрзнување на маржите се покажа како краткорочна и неефикасна. СДСМ веќе од почетокот ги истакна нашите сомнежи дека оваа мерка нема да донесе долгорочни резултати, што се потврди со зголемените цени. Овие растечки цени се резултат на погрешните владини политики и неспособноста на Владата на ДПМНЕ да ги менаџира цените на основните производи. Секоја мерка што ја презела оваа влада до сега се соочува со неуспех. Ниту т.н. есенска и новогодишна кошничка, не успеа да го подобри животниот стандард на граѓаните. Напротив, растот на цените не престана!
Владата не ја прифати нашата иницијатива за пакет од седум закони и решенија. Со нашата иницијатива, само со укинувањето на ДДВ на храната, реално ќе се намалеа цените на повеќе од 250 производи, што ќе значеше значително олеснување за граѓаните. За жал, помина цела година и овој неуспех на владата доведе до огромна штета за стандардот на граѓаните кои се во тешка ситуација и едвај врзуваат крај со крај. Власта треба да се соочи со реалноста и да ја смени својата неефикасна политика, за да ги заштити интересите на граѓаните и да се спречи понатамошно зголемување на цените, потенцираше портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска во одговорот за новинарско прашање на денешната прес-конференција.