Матичен гинеколог злоупотребувал лични податоци на негови пациентки и си играл со дијагнози, на начин што наместо неа да ја испрати на ПАП-тестот што ѝ следува еднаш на 3 години бесплатно и е покриен од Фондот за здравство, издал упат за ПАП-тест со кој го лажел Фондот за здравство дека пациентката е прегледана, иако таа воопшто не била прегледана. Ов а произлегува од снимка што синоќа ја емитуваше „Телма“. Со ПАП тестот се открива рак на грлото на матката. Во синоќешната емисија „Топ-Тема“ на „Телма“ беше презентирана аудио-снимка од која се докажува дека на територијата на Македонија доктори ја манипулираат скрининг-програмата за рано откривање на рак на грлото на матката која ја спроведува Министерството за здравство. За таа цел издаваат упати на име на жени небаре тие се прегледале, а тие воопшто не се прегледале. Парите од ФЗОМ за вакви упати, сепак легнуваат на контото на гинеколошките ординации! Жените пак чии лични податоци се злоупотребени го губат правото да се прегледаат на државно и рано да им биде детектиран евентуален рак.
Пациентка го променила својот матичен гинеколог, но кога отишла кај новиот за да му побара упат за ПАП-тест, тој ја информирал дека веќе ѝ е направен. Таа знаела дека не правела ПАП-тест и веднаш му се јавила на стариот матичен гинеколог. Нивниот разговор беше емитуван во „Топ-Тема“ на „Телма“ синоќа. Гинекологот ѝ признава на пациентката дека со нејзините лични податоци издал упат и затоа веќе нејзе не ѝ следува. За да ја пацифира нејзината згрозеност, ѝ нуди „бесплатно да ѝ направи ПАП тест кај врвен цитолог што работи во неговата ординација на приватно“, а за оние што го читаат државниот тест вели дека „тие го читаат резултатот само про-форма“ и се само „техничари“. На прашање на пациентката што ако се случело дијагнозата да била посериозна, докторот одговара дека лажниот упат го издал про-форма и не напишал дека пациентката што не е прегледана имала цисти. Од ова се отвора и прашањето за валидноста на резултатите при скрининг програмата.
-Ви кажав дека сме приморани. Сите го прават тоа. Треба да постигнеме цели, инаку добиваме казни. Овие што се во поликлиниките, концесионери, имаат илјадници картони од починати и пензионирани гинеколози и не знаат колку пари земаат. Ние настрана што сме, имаме трошоци за опрема. Не сум пишал дека имала цисти, туку ова рутински само поради бројка го работиме.
Со оваа снимка се открива врвен скандал во здравството со злоупотреба и на парите на Фондот, но уште поважно – се злоупотребуваат пациентските права. Пациентите можат да проверат какви се прегледи се запишани на нивно име во апликацијата „мое здравје“. Граѓани веќе се жалат во редакцијата на „Слободен печат“ дека кога ги проверувале своите здравствени картони во нив наоѓале упати на свое име како да правеле прегледи за уво, гинеколошки и други прегледи иако никогаш не ги правеле – најверојатно за матичните доктори да добијат пари од ФЗОМ на име на оваа манипулација.