На прашањето дали ќе ја смени актуелната директорка Каролина Симоновска министерот одговори – „ќе видиме” Во просториите на Министерството за здравство, денеска министерот Арбен Таравари имаше изненадување – се појави сопругот на отпуштената лекарка од Клиниката ,,Козле”, да го праша како неговата сопруга е отпуштена истиот ден кога имала две интервенции на одделот за бронхоскопија каде работела врз пациент дете кое имало залетнат предмет (индиски орев) во дишните патишта.
Докторката доби отказ додека беше на боледување и наскоро ќе нема ни здравствено осигурување и покрај тоа што на клиниката со децата работи над 27 години и е специјалист за ОРЛ. Таравари рече дека било јавна тајна дека за директорката на Козле има индикација дека не работи како што треба, ама одлука дали ќе ја разреши допрва ќе донесе. На прашањето дали ќе ја смени актуелната директорка Каролина Симоновска министерот одговори – „ќе видиме”. Во ходникот на Министерството му се обрати сопругот на отпуштената орл специјалистка.
– Јас сакам да ве прашам, како сопругата доби отказ на 23 јануари а тој ден беше на работа? Формирале комисија пред која мојата сопруга би морала да даде изјава што не се има случено. На 23 јануари кога е датумот на отказот таа беше на работа на бронхоскопија и истиот ден добива отказ. Како? – го праша Таравари Ташко Јосифов. Министерот му одговори дека синоќа го добил писмото за отказот ама ќе видел и ќе разгледал каква е ситуацијата, а за докторката го увери дека нема да биде отпуштена. – Нема да остане без работа. Ако не згрешила, сигурно нема да остане без работа – посочи Таравари.