Шпанија избори пласман во финалето на Лигата на нации и в недела ќе се сретне со Португалија, откако во вистинска голеада ја совлада Франција со 5-4 во полуфиналниот дуел одигран вечерва во Штутгарт. Натпреварот беше вистински спектакл со дури 40 удари кон гол, девет погодоци и неизвесност до последната секунда. Шпанците ќе ја бранат титулата од минатото издание, но до финалето не стигнаа лесно, иако така изгледаше по првите 55 минути игра.
Фуријата стигна до убедливо водство од 4-0, прво Нико Вилијамс и Мерино во 22. и 26. минута донесоа предност од два гола, а потоа Јамал и Педри за само една минута (54. и 55.) ја зголемија предноста. Франција беше во нокаут, но не се предаде.
Мбапе намали од пенал, но веднаш потоа повторно се разигра Јамал и со вториот гол зголеми на 5-1. Во тие моменти се чинеше дека сè е решено, но селекторот Дидие Дешамп со внесувањето на Рајан Шерки го врати пулсот на својот тим. Младиот офанзивец постигна гол во 79. минута, учествуваше во акцијата по која Вивијан си даде автогол, а во 94. минута го проигра Коло Муани за 4-5. Сепак, немаа време за уште еден гол кој ќе значеше продолженија.