Популарното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ ја емитуваше првата епизода по смртта на неговиот долгогодишен продуцент и креативен директор, Саша Поповиќ. Тој почина на 1 март во Париз по долгата битка со рак на желудник, но шоуто што го создаде продолжува со нови изданија. Во саботата, на 8 Март, гледачите имаа можност да проследат една од последните емисии снимени додека Поповиќ беше жив. Водителите Воја Неделковиќ, Ана Севиќ, Милан Митровиќ и Сања Кужет му оддадоа почит, појавувајќи се облечени во црно, а во емисијата беше прикажан и краток документарец во негова чест, кој претходно беше емитуван и на комеморацијата.
Поповиќ беше погребан на 6 март, а неговото последно испраќање беше проследено со песната „Свирци моји“ од Ѕвонко Богдан. Како директор на продукцијата „Гранд“ и една од најзначајните фигури на српската естрада, тој остави длабок белег во музичката индустрија. Во 1998 година, заедно со Лепа Брена, ја основа продукцијата „Гранд“, која подоцна стана водечка платформа за народната музика во регионот. Во 2004 година ја лансираше емисијата „Ѕвездите на Гранд“, која со текот на времето стана едно од најгледаните натпреварувања Поповиќ беше клучен член на жирито од самиот почеток, активно учествуваше во аудициите и го имаше последниот збор при изборот на натпреварувачите. Неговите соработници го опишуваат како човек чиј став и одлуки беа од пресудно значење за успехот на шоуто.